Руската агресија врз Украина и енергетската криза со која се соочува Европа биле дел од клучните прашања за кои денеска во Скопје разговараа шефот на државата и словачката претседателка.
Пендаровски изјави дека земјава се надева на помош од ЕУ за пребродување на зимата за која се проценува дека ќе биде една од најтешките. Чапутова, чија држава од 2004 е дел од ЕУ, потврди дека недостатокот на енергенси поради војната во Украина во моментот е главен проблем за Унијата.
„Зборевеме за кризата која произлезе од нелегалната инвазија на Русија врз Украина која се одразува врз трговијата, економијата и секако во енергетиката. Енегретската криза е најголемиот проблем со кој се соочуваме во ЕУ и во поширокиот регион. Треба да бараме поинакви пристапи на диверзификација, но и како да бидеме поефикасни во однос на енергијата и да не се оддалечуваме од `зелената транзиција`. Би сакала да ја поздравам позицијата на вашата земја во однос на Украина и помошта што ѝ ја пружате и со тоа се приклучувате кон земјите кои ги споделуваат истите вредности и се противат на руската агресија“, вели Зузана Чапутова, претседателка на Словачка.
И Словачка и Северна Македонија се дел од НАТО и тие како и останатиот дел од Стариот континент се силно погодени од ефектите од војната во Украина. Државниот врв во Скопје се надева на европска помош, особено откако земјата ги почна пристапните преговори.
Your browser doesn’t support HTML5
„Чекавме 17 години со кандидатски статус за почеток на процесот на преговори и тоа е за жал еден од негативните преседани во евроинтеграцијата. ЕУ се фали дека проширувањето е една од најдобрите алатки, но во изминатите години не покажа исклучителни резултати кон целиот регион. Сега, како земја која почнавме преговори со ЕУ имаме и поинакво статус и поголемо право да очекуваме поддршка од ЕУ. Ние сме високозависни од увоз на енергенси и многу ќе ни значи ако ЕУ од своите фондови одвои помош и за Западен Балкан“, рече Пендаровски.
Во обид да се справи со енергетската криза, владата изготви план тежок 300 милиони евра и тоа само за зимските месеци. Планот, кој беше презентиран на седницата на Советот за безбедност, предвидува зголемување на домашното производство на електрична енергија за 25 проценти, обезбедување доволни количини јаглен, гас, мазут, како и набавка на дополнителна струја. Целта е, како што уверува владата, на граѓаните и на бизнисите зимава да им се овозможи најниска цена на електрична и топлинска енергија.