Ризикот од вето се зголемува со секоја нова земја-членка на ЕУ, рече Шолц

Германскиот канцелар денес во Прага поддржа проширувањето на Европската Унија да ги вклучи балканските земји, Украина, Молдавија и Грузија, замислувајќи ЕУ со „30 или 36 членки“

Германскиот канцелар Олаф Шолц денес во Прага рече дека ќе поддржи проширувањето на Европската Унија да ги вклучи балканските земји, Украина, Молдавија и Грузија, замислувајќи ЕУ со „30 или 36 членки“, објави швајцарскиот дневен весник „Ле Матин“.

„Фактот што ЕУ продолжува да се шири кон исток е предност за сите нас“, рече германскиот канцелар во говорот за иднината на Европа.

Германскиот лидер рече дека е „посветен на проширувањето на Европската Унија со вклучување на државите од Западен Балкан“, како и на Украина, Молдавија и на Грузија.

Тој отиде дотаму што евоцира „Европска Унија од 30 или 36 држави“, многу „различна од нашата сегашна Унија“.

„Центарот на Европа се движи кон исток“, рече тој.

Во оваа идна конфигурација, правилата за работа нужно ќе треба да се менуваат, според канцеларот.

„Во оваа проширена Унија, разликите меѓу земјите-членки ќе се зголемат во однос на политичките интереси, економската моќ или социјалните системи“, рече тој.

Оттука, „таму каде што денес се бара едногласност (во рамките на ЕУ), ризикот една единствена земја да ги спречи сите други да продолжат со своето вето се зголемува со секоја нова земја-членка“.

„Затоа предложив постепено да се премине на мнозинско одлучување во заедничката надворешна политика, но и во други области, како даночната политика“, објасни Шолц, не криејќи дека „тоа би имало последици и за Германија“.

За него, придржувањето до принципот на едногласност функционира само додека притисокот за дејствување е мал.

Евентуалното проширување би имало реперкусии, според Шолц, врз составот на Европскиот парламент.

Шолц, исто така, ја повтори својата поддршка за предлогот на Емануел Макрон за „Европска политичка заедница“.

На овој нов форум „ќе разговараме еднаш или двапати годишно за централните теми што се однесуваат на нашиот континент како целина: безбедност, енергија, клима или поврзаност“, рече тој.