Тимот на ОН во посета на украинската нуклеарна централа Запорожје

Шефот на агенцијата за атомска енергија на ОН рече дека нивниот тим е на пат да ја посети украинската нуклеарна централа Запорожје.

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Мариано Гроси, на Твитер напиша дека тој ќе го води тимот.

„Мораме да ја заштитиме безбедноста на најголемиот нуклеарен капацитет на Украина и Европа“, рече Гроси.

Од агенцијата соопштија дека мисијата ќе се фокусира на проценка на физичката штета во централата, утврдување на функционалноста на безбедносните системи, проценка на условите на персоналот и извршување активности на заштита.

Русија ја контролира локацијата на централата уште од почетокот на нејзината шестмесечна инвазија, но централата е управувана од украински инженери.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави денес за новинарите во Стокхолм дека меѓународната заедница треба да биде обединета во барањето за повлекувањето на Русија од нуклеарната централа, велејќи дека тоа е единствениот начин да се обезбеди безбедност на локацијата.

„Очекуваме од мисијата јасна изјава за фактите за прекршување на протоколите за нуклеарна безбедност. Знаеме дека Русија ја става во опасност не само Украина, туку и целиот свет, на ризик од нуклеарна несреќа“, рече Кулеба.

Неколку часа подоцна, Кремљ ја повика меѓународната заедница да изврши притисок врз Украина да ги намали тензиите во централата, велејќи дека Украина е таа што ја изложува Европа на ризик со гранатирање.

И покрај бројните напади во областа за кои Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат, Гроси рече дека Украина и кажала на агенцијата дека „сите безбедносни системи останале оперативни и дека немало зголемување на нивото на радијација“.

Русија рано во неделата започна нови ракетни и артилериски напади во близина на објектот, при што украинските власти пријавија значителна штета.

Стејт департментот на САД ја обвини Русија за блокирање на консензусниот документ за договорот за неширење на нуклеарното оружје, бидејќи договорот го нотира ризикот од борбите во близина на централата Запорожје.

„За Руската Федерација да не прифати такво барање во услови на огромен меѓународен консензус, ја нагласува потребата САД и другите да продолжат да ја повикуваат Русија да ја прекине својата воена активност во близина на централата и да и ја врати контролата врз неа“, се вели во соопштението.

Москва рече дека ја поддржува работата на агенцијата за атомска енергија, но одби да ги повлече своите војници од комплексот за да се создаде демилитаризирана зона.

Некои информации за оваа вест се од Асошиетед прес, Франс прес и Ројтерс.