Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, вчера го обиколи канадскиот Арктик, поради зголемениот страв од засилување на Русија, вклучително и во регионот на Северниот Пол.
Премиерот на Канада Џастин Трудо и други високи канадски претставници, го придружуваа Столтенберг во неговата прва посета на канадскиот Арктик.
„Како што се соочуваме со променлив свет со нови геополитички закани, стратешки, Арктикот станува сè поважен. И да, за нас ќе биде важно да продолжиме да инвестираме во науката, да продолжиме да инвестираме во одбраната, за да бидеме сигурни дека сме способни да го заштитиме Арктикот, а потоа и Северна Америка и дефинитивно НАТО“, рече Трудо.
Посетата на Столтенберг го истакнува ставот на НАТО дека регионот е безбедносен приоритет за Алијансата, особено по руската инвазија на Украина и голема загриженост во поглед на климатските промени.
„Арктикот е важен за НАТО. Кога Финска и Шведска ќе се приклучат на НАТО, се надеваме дека наскоро, седум од осум арктички земји ќе бидат членки на НАТО. А тоа само ќе ја зголеми важноста на Арктикот за алијансата“, рече Столтенберг.