Ќе работам да ѝ помогнам на Северна Македонија да развие национална стратегија со која ефективно ќе се бара одговорност од корумпираните актери, рече Анџела Прајс Агелер, номинацијата на претседателот Џо Бајден за амбасадорка на САД во Скопје, на денешното сослушување во Сенатската комисија за надворешни работи.
„САД и Северна Македонија имаат многу заеднички приоритети, вклучувајќи ги борбата против корупцијата, подобрување на владеењето на правото и зајакнување на доброто владеење. Доколку бидам потврдена, ќе ги охрабрам судските реформи и ќе ги повикам институциите на Северна Македонија да промовираат транспарентност во истрагата на наводите за злоупотреба и одлучно да се спротивстават на корупцијата за да ја зајакнат довербата на јавноста во владеењето. Ќе работам со меѓуагенциските партнери за да ѝ помогнам на Северна Македонија да развие национална стратегија која ефективно ќе бара одговорност од корумпираните актери. Доколку бидам потврдена, ќе работам на поддршка на економската иднина на Северна Македонија преку политики за зајакнување на нејзината инвестициска клима, зајакнување на инфраструктурата, подобрување на енергијата, различноста и безбедноста, и на градење отпор на малигни надворешни влијанија, вклучително и од Русија и Кина“, рече Агелер, истакнувајќи ги приоритетите на најзината работа доколку биде потврдена за нова амбасадорка во Северна Македонија.
Агелер, исто така, рече дека САД ја поддржуваат Северна Македонија во нејзината долготрајна цел за пристапување во ЕУ.
„Ние цврсто стоиме зад процесот на проширување на ЕУ затоа што го унапреди демократскиот развој и промовираше мир, стабилност и просперитет на европскиот континент, градејќи посилни стратешки партнери за САД. Северна Македонија ги надмина тешките предизвици и направи тешки избори да направи историски чекори напред на нејзиниот пристапен пат. Доколку бидам потврдена, ќе се надоврзам на овие успеси за да го обезбедам тој пат напред“, рече Агелер.
На прашањето од сенаторот Бен Кардин, што ќе преземе во однос на енергетската ситуација и предизвиците со владеење на правото во Северна Македонија, Агелер рече:
„Двете се критично важни во моментов, особено ако го земеме фактот дека пред само 12 дена, Парламентот на Северна Македонија ги усвои потребните предлози за почеток на пристапувањето во ЕУ за прифаќање на францускиот предлог за тоа пристапување. Најпрво, вие сте апсолутно во право за енергетската криза. Северна Македонија е на работ да прогласи енергетска криза од август поради нивната зависност во голема мера од рускиот гас“, рече таа додавајќи дека „има голем број иницијативи за чиста енергија кои ќе им помогнат да се оддалечат од зависноста од Русија. Но, вашата поента, исто така, не само за раководството на ОБСЕ, туку и за нивните аспирации за пристап во ЕУ, се од клучно значење и верувам дека ако бидам потврдена, ќе направам се` што е во моја моќ за да им помогнам да направат толку многу реформи во владеењето, што ке ѝ помогне на државата во целокупното владеење кое очајно им треба“.
Според неа, САД и Северна Македонија треба да продолжат тесно да соработуваат во одговорот на заканите за безбедноста и меѓународниот поредок, по инвазијата на Русија на Украина.
„Итноста на овој момент ја нагласува важноста од подлабока политичка, економска, културна, безбедносна соработка и врски меѓу луѓето со Северна Македонија и другите земји од Западен Балкан додека тие работат на остварување на нивните стратешки цели за европска интеграција“, рече Агерелр.
Доколку биде потврдена за амбасадорка, Агелер рече и дека ќе работи на стратешкиот дијалог меѓу двете држави, преку продлабочување на воената соработка.