Секој да штеди енергија, од индустрија до граѓани, за да се преброди претстојната зима без да ѝ се наштети на околината. Тоа го вели министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини во интервју за Гласот на Америка.
„Да, веројатно е дека во текот на зимата ќе нема доволно гас за греење во Скопје. Но, како држава бараме можности за набавка од други извори, како што е соседна Бугарија“, вели Нуредини.
Your browser doesn’t support HTML5
Министерот препорачува за греење да се користи струјата за која вели дека е еколошка, но и економична опција.
„Греењето со инвертери сепак би било поевтино, енергетски поефикасно и помалку штетно за околината. Мораме да бидеме подготвени и внимателни. Да не користиме материјали што се штетни за нашето здравје“, посочува министерот.
Повод за разговорот со Нуредини беше една година од прогласувањето на Шар Планина за национален парк. Сепак, дивата сеча таму сè уште постои.
„Создавањето национален парк не значи дека правиме музеј. Туку, создаваме ред. Очигледно е дека во минатото постоела дивата сеча, а има индикации дека се случува и денес. Но, добрата вест е што директорот на националниот парк создаде добри релации со тамошните жители. Денес тие самите пријавуваат нелегални активности“, вели Нуредини.
За малите хидроцентрали, пак, за кои еколошки организации укажуваат дека им наштетуваат на заштитените подрачја, Нуредини најавува законска рампа.
„Со текот на времето стана евидентно дека во некои случаи тие му нанесуваат штета на еко-системот ако не се изградени соодветно. Некои и не требало да бидат таму... Со новиот Закон за заштита на природата нема да дозволиме предлози за нови концесии во заштитените подрачја“, најавува министерот.
Министерот се согласува дека развојот на обновливите извори на енергија е сè уште мал. Но, нема позитивен став за понатамошното одржување на РЕК Битола.
За жал, во изминатите 30 години многу малку е инвестирано во тој објект (н.з. РЕК Битола). Наместо да го реновираме, подобро е да вложуваме во обновливи извориНасер Нуредини
„Мора да го напуштиме јагленот. Негативно влијае врз климата, а има последици и врз луѓето што таму живеат. За жал, во изминатите 30 години многу малку е инвестирано во тој објект. Наместо да го реновираме, подобро е да вложуваме во обновливи извори“, укажува Нуредини.
Како круцијално решение кон чиста енергија ја посочува потенцијалната хидроцентрала „Чебрен“. Нејзината изградба, според проценките, би чинела повеќе од 500 милиони евра.
„Мислиме дека тендерот за ‘Чебрен’ овојпат би бил успешен. Гледаме да ги обезбедиме сите документи, особено студиите за околината што во минатото ги немавме“, смета министерот.
За забелешката од ревизорите дека веќе три години доцни Законот за климатска акција, Нуредини вели:
„Ако не сме подготвени на подобра меѓу-секторска соработка, како што беше посочено во ревизијата, тогаш не треба ни да го носиме законот. Тоа што се обидуваме првично да го создадеме е подобра координација и веќе успеваме во тоа“, категоричен е Нуредини.
Најавата од ЕУ за данок на јаглерод од 2026 година создаде грижи кај нашето извозно стопанство. Сепак, Нуредини го поддржува воведувањето таков данок и кај нас. Смета дека така ќе се забрза обврската за декарбонизација.
„Данокот на јаглерод е многу битен за иднината на нашата земја. До 2026 година ќе бидеме обврзани да го плаќаме. Затоа, ако не се подготвиме сега, нашата економија ќе се соочи со ѕид во 2026 година“, вели првиот човек на министерството за животна средина.
Патот кон ЕУ ќе опфати многу обврски кон животната средина. Министерот е убеден дека македонските институции ќе ги исполнат задачите.