„Ако очекувате министер да даде финални резултати за 48 часа е погрешно и мислам дека јавноста треба погрешно да биде насочена од очекувањата за брзи резултати...“, изјави министерот за здравство, Беким Сали.
Тоа е одговорот на министерот за здравство за случајот обелоденет во новинарско истражување за употребата на методата хемофилтрација, филтрација на крв, во приватната клиника „Жан Митрев“ со која се лекувале ковид-пациенти што, според презентираните информации, резултирало со низа интрахоспитални инфекции, дури и со смрт.
Надлежните уверуваат дека нема недопирливи, ако се утврди нивна одговорност, но побараа дополнително време. Она што се знае е дека во тек се проверки на клиниката „Жан Митрев“.
„Во последните 3 години, Државниот санитарен и здравствен инспекторат во Клиничката болница ‘Жан Митрев’ спровел 3 редовни и 9 вонредни инспекциски надзори. Во моментов се одвива работен состанок во МАЛМЕД со стручната служба и претставници на Клиниката во однос на изнесените наоди дека се вршени клинички испитувања врз пациенти и дали се вршени согласно важечките прописи. Во тек се активности во Лекарската комора по однос на вршењето на стручниот надзор и ги очекувам информациите. Јас чувствувам длабока одговорност и решен сум случајот да добие разрешница. Мора да има систем што функционира и ќе ги заштитува пациентите. Никој не е над законот, ова нема да биде заборавен случај и ќе го тераме до крај.“, изјави министерот за здравство, Беким Сали.
Се најавува дека стручно тело ќе ја утврдува оправданоста на употребата на хемофилтрацијата, нејзиното користење и при лесни случаи, дали била експериментална метода и дали претставувала ризик за здравјето на пациентите. Но, надлежните потврдија дека во минатото, токму во „Жан Митрев“, имало дури 5 вонредни надзори поради сомневања за лекување вон здравствени протоколи.
„За деветте вонредни инспекциски надзори во „Жан Митрев“ пет се за сомнеж за лекување вон протокол - за пациенти починати во установата. Еден надзор е за пациентка оперирана од срце, испишана, а потоа примена на Клиника за кардиологија и ѝ била изолирана бактерија.
Друг надзор е за пациентка по грешка ставена на список за починати лица.“, вели Ирина Сотирова-Бухова, директорка државниот санитарен здравствен инспекторат.
Истражувачката репортерска лабораторија во документарниот филм објавува дека дошла до неколку сознанија меѓу кои клучното е дека хемофилтрацијата, за која во Жан Митрев наплаќале по илјадници евра, е клиничка студија која мора да биде пријавена и одобрена од Агенцијата за лекови – нешто што според новинарскиот тим, не било направено.
„Никој не вели дека има спроведено клиничко испитување или спротивното, дека нема клиничко испитување. Ние велиме како што вели законот, ако некој развива клиничко испитување, тоа се санкционира. Тоа мора да се утврди и потврди.“, Лирим Шабани, директор на Малмед Агенцијата за лекови и медицински средства.
По објавувањето на материјалот владата го задолжи министерството за здравство да изготви информација, а Јавното обвинителство отвори и предмет.