Фаучи ќе се пензионира во 2025, советуваше вкупно седум претседатели на САД

За време на пандемијата на ковид-19, Фаучи доби лично обезбедување откако тој и неговото семејство беа цел на смртни закани

Доктор Ентони Фаучи, водечки експерт за заразни болести во САД, рече дека ќе се пензионира пред крајот на мандатот на претседателот Џо Бајден во 2025 година.

81-годишниот Фаучи го води Националниот институт за алергија и заразни болести од 1984 година. Тој дојде на функција во време на ширење на ХИВ/Сида, и наиде на интензивни критики од активистите за ХИВ кои ја обвинија владата за запоставување, бидејќи вирусот во тоа време првенствено ги погодуваше геј мажите.

Но, на крајот, тој успеа да воспостави блиска врска со активистите, во време кога Националниот институт за алергии и заразни болести разви разни ефикасни антивирусни третмани.

Тој претрпе слични критики четири децении подоцна во екот на пандемијата на ковид-19 во 2020 година. Неговите јавни контрадикторни изјави од тогашниот претседател Доналд Трамп и отфрлањето на стратегиите за ублажување на пандемијата од страна на претседателот, како што се маските за лице, го направија цел на напади од страна на цврсти десничарски активисти и политичари.

Фаучи подоцна мораше да добие лично обезбедување откако тој и неговото семејство добија смртни закани.

Фаучи советуваше вкупно седум претседатели за појава на заразни болести, како што се антракс во 2001 година, ебола и зика.

Покрај неговата улога како шеф на Националниот институт за алергии и заразни болести, тој е и главен медицински советник на претседателот Бајден.

Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес, Ројтерс и агенцијата Франс - прес