Протести, политички тензии, обвинувања за предавство, изјави за работење против европските интереси на државата... Во ваква ситуација во Скопје ќе допатува претседателката на Европската комисија чија посета се смета за финален напор на Брисел и земјите членки на Унијата во обидите за убедување на дел од политичките елити, но и на граѓаните дека интересите на Северна Македонија се заштитени со францускиот предлог.
Се очекува самата Урсула фон дер Лајен тоа да го соопшти во обраќањето во Собранието пред почетокот на седницата на која ќе се разгледува предлог-преговарачката рамка која е дел од од пакетот изготвен од официјален Париз.
Опозицијата смета дека фон дер Лајен ќе се обиде да ја амортизира, како што ја нарекуваат, добиената „уцена“.
„Во моментот сме соочени со уцена што утре ќе се обиде веројатно со убави зборови да ја амортизира и сегашната претседателка на Европската комисија. Го почитуваме нејзиното време, но си го почитуваме и своето достоинство – знаеме што е добро, а што не е добро за Македонија и сметаме дека овој преседан каде што од земја членка се бара да ревидира историја и да промени Устав за воопшто да може реално да почне преговори и истите да бидат поврзани со понатамошни ревизии на учебници и на историски личности е понижувачки“, вели Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Ако е очигледен ставот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата кои се против предлогот, што денеска пак, преку статус на Твитер го потврди лидерот Христијан Мицкоски, се` уште е нејасно како ќе изгледа утрешната седницата – дали се изготвени заклучоците и дали ќе има дискусија.
„Она што го поставивте како прашање надлежност има претседателот на Собранието, каде што во текот на собраниската дебата се очекува да има координација на која би се утвдиле заеднички заклучоци. Она за што СДСМ го има поднесено, тоа се заклучоци за кои СДСМ се гарантира безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на Македонскиот народ, за кои со ЕУ во ниту еден момент не се преговара. Затоа ние како политичка партија бараме овие заклучоци да бидат единствени заклучоци за сите политички субјекти -чинители во Собранието на Република Северна Македонија“, рече Миле Талески од СДСМ.
Дел од европските дипломати во Скопје, иако не сметаат дека актуелниот компромис „ќе победи на натпревар за убавина“, веруваат дека тој ќе помине и ќе ги отвори вратите кон Унијата.
„Политиката на Унијата е дека билатералните прашања треба да бидат решени меѓу самите земји и за нив нема простор за нив во преговарачкиот процес. Ние ќе го следиме тоа и Комисијата кажа дека ќе го следи тоа. Затоа, ако можеме да добиеме некој вид на компромис сега меѓу вас и Бугарија, тоа ја отвора вратата“, рече Дирк Јан Коп, амбасадор на Холандија во Скопје.
Во пресрет на утрешната собраниска седница на Твитер се појави фотографија со телефонските броеви на сите пратеници од СДСМ и од нивната коалиција.
Под фотографијата пишува „Порачајте им да не го предаваат народот“, сугерирајќи да им се врти на овие броеви и да им се изврши притисок на пратениците да гласаат против заклучоците во Парламентот.
Your browser doesn’t support HTML5