На последниот ден од своето претседавање со Европската Унија, Франција го достави предлогот за надминување на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Информацијата ја потврди и владата, велејќи дека преку Министерството за надворешни работи, од француското претседателство, пристигнало предлог со идеи кои се однесуваат на македонските позиции и ставови.
„Ова претставува основа за отворање на широк консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со Претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата. Како што ветивме, одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме заеднички, мериторно, согласно стратешките интереси на земјата и на сите нејзини граѓани“, пишува во кусото соопштение од владата.
Пред владата да го објави соопштението, францускиот претседател Емануел Макрон, на прес-конференција во Мадрид, каде се одржува НАТО Самитот, обелодени дека е изготвен документ за кој рече дека е уверен дека претставува компромисно решение.
„За прашањето на пристапувањето на Северна Македонија, ги продолживме нашите консултации со македонските и бугарските власти затоа што нашата заложба за европската перспектива на Западниот Балкан е да можеме да ги отвориме првите поглавја за Северна Македонија и Албанија. Врз основа на овие консултации, уверен сум дека најдовме компромисно решение кое одговара на сензибилитетот на секој, во интерес на Бугарија и на Северна Македонија, прифатлив за сите. За ова ќе има консултации во Скопје. Ова решение носи безбедност, предвидливост и сигурност за надминување на споровите наследени од минатото“, рече Макрон.
Чекорот позитивно го оцени и претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел.
„Го поздравувам француското претседателство и решението за договор што ќе го отвори патот кон отворање пристапни разговори со Северна Македонија. Решението ги опфаќа и изнесените грижи. Поблиску сме до решение од кога и да било, сега е време да се каже да“, напиша Мишел на Твитер.
Сега на потег се македонските власти кои најавија широки консултации за содржината на овој документ од Париз.
Минатата недела, претходниот францускиот предлог, во формата во каква што беше доставен, Северна Македонија го оцени за неприфатлив.
Тогаш официјално Скопје порача дека е подготвено да размислува за верзија на документот само ако во него се вградат клучни елементи - чиста формулација за македонскиот јазик во прегооварачката рамка, заштита на македонскиот идентитет, историските прашања да не бидат критериум во рамката и преговорите да почнат пред промената на Уставот и вметнувањето на Бугарите во преамбулата.
Дали овие барања се вметнати во овој фарнуски предлог, допрва ќе се види.
Your browser doesn’t support HTML5