САД и земјите од Г7 ги зајакнаа санкциите против Русија

САД објавија нови санкции против Русија заедно со другите земји од Г-7 групата како одговор на нејзината војна во Украина, вклучително и мерки за отсекување на Русија од материјалите и услугите потребни на рускиот индустриски и технолошки сектор.

Белата куќа соопшти дека САД ќе одвојат 7,5 милијарди долари како дел од напорите на Г-7 да и помогнат на Украина да ги покрие своите буџетски потреби и дека владите преземаат „долгорочна безбедносна посветеност да и обезбедат на Украина финансиска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка онолку колку што е потребно“.

Дополнителните специфични американски санкциите вклучуваат и блокади на руски државни одбранбени претпријатија и одбранбени истражувачки организации, ограничување на способноста на Русија да ја надополнува опремата што ја изгубила во војната и забрана за увоз на злато во САД.

Руските трупи денес извршија гранатирање во источниот град Лисичанск, обидувајќи се да го заземат последното преостанато украинско упориште во провинцијата Луганск, откако ја презедоа контролата врз соседниот Северодоњецк.

Гувернерот на Луганск, Серхи Хајдаи, рече дека штетата во Лисичанск била „катастрофална“.

Хајдаи ги повика преостанатите цивили да се евакуираат од градот во кој живееја 100.000 луѓе пред Русија да ја започне својата инвазија кон крајот на февруари.

Русија сега ја контролира речиси целата провинција Луганск, дел од источниот регион Донбас што Москва се обидува да го преземе, што е една од нејзините главни воени цели.

Руските сили во неделата извршија нови ракетни напади врз двата најголеми градови во Украина, главниот град Киев и Харков.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко изјави дека биле погодени најмалку две станбени згради во градот, при што најмалку едно лице загинало, а четворица се повредени.

Русија ја засили употребата на крстосувачки ракети, напаѓајќи цели низ северозападна Украина.

„Се работи за варварство“, рече американскиот претседател Џо Бајден за рускиот напад врз Киев.

Русија во понеделникот ги отфрли тврдењата дека не ги исполнила исплатите на меѓународниот долг за прв пат по еден век.

Каматните плаќања во вкупна вредност од 100 милиони долари на две обврзници првично требаше да доспеат на 27-ми мај, но имале грејс-период од 30 дена.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за новинарите дека Русија ги извршила плаќањата во мај, но дека тие биле блокирани од западните санкции.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес и Ројтерс.