Ковачевски, Вучиќ и Рама утре ќе кажат дали ќе одат на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел

Постои сериозна опасност претстојниот Самит ЕУ-Западен Балкан, предвиден за задутре, да се претвори во фијаско. Причина е можноста собирот да го бојкотираат Северна Македонија, Србија и Албанија.

За оваа опција, неофицијално, во изминатите денови се разговараше на релација Скопје-Белград-Тирана... Денеска таа и официјално беше потврдена.

Прв беше српскиот претседател Александар Вучиќ, кој објави фотографии од утринската заедничка видеоконференција со македонскиот и албанскиот премиер Димитар Ковачевски и Еди Рама.

„Се договоривме дека, по консулатциите што ги имаме со нашите влади и советници, утре ќе ја објавиме одлуката дали ќе присуствуваме на овој собир“, напиша Вучиќ на социјалните мрежи.

Еден час подоцна, информацијата ја потврди и македонскиот премиер.

„Разговаравме за националните позиции на секоја од земјите, регионалните перспективи како и за динамиката на евроинтеграцискиот процес. Се согласивме дека по дополнителни интерни консултации, утре претпладне ќе ја донесеме финалната одлука за нашето учество на ЕУ-Западен Балкан самитот во Брисел“, објави Ковачевски на својт Фејсбук профил.

Албанскиот премиер, во Тирана на прес-конференцијата со шефицата на финската влада Сана Марин, потврди дека се разговарало за тоа што ќе се случува наредните денови, без да прецизира дали ќе оди на самитот в четврток.

Рама, не криеше дека нема големи очекувања од претстојниот Европски совет.

„Со премиерката разговаравме за тоа што доаѓа во наредните денови или што не доаѓа во наредните денови во врска со официјалното отворање на преговорите за членство на Албанија и Северна Македонија преку меѓувладини конференции. Јас ѝ реков на премиерката дека не очекувам ништо ново на овој Совет, но до крај земјите на ЕУ, вклучително и Финска, се обидуваат со Бугарија да отворат пат на разумот и да го ослободат процесот“, рече Рама.

Зад идејата Вучиќ, Ковачевски и Рама да го бојкотираат Самитот е, како што се толкува, да се прати порака до Унијата за разочараноста што не може, веќе две години, да се деблокира стартот на преговори со Северна Македонија и Албанија, како и спорото темпо на преговори со останатите земји-кандидатки.

Европската унија во изминатиот период го најави состанокот со лидерите од Западен Балкан кој треба да се одржи во Брисел в четврток наутро во пресрет на Европскиот совет кој почнува истиот ден.

„Состанокот ќе се надоврзе на постоечките тесни врски меѓу ЕУ и Западен Балкан. Лидерите ќе дебатираат за напредокот во ЕУ-интеграциите и предизвиците што проилзегуваат од руската агресија врз Украина“, се вели во најавата на Унијата.

Но, дали овој самит ќе биде комплетен, во полн состав, со претставници на земјава, Србија и Албанија, ќе се знае утре кога Рама, Вучиќ и Ковачевски треба да ја обелоденат одлуката.

Your browser doesn’t support HTML5

Постои можност Северна Македонија, Србија и Албанија да го бојкотираат Самитот ЕУ-Западен Балкан