Ескобар ја нагласи неопходноста од итен почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ

Македонскиот премиер, Димитар Ковачевски, на маргините од Преспа форумот за дијалог имаше средба со заменик-помошникот на државниот секретар на Соединетите Американски Држави за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар. Како што соопштуваат од владата, дека на средбата било потенцирано дека Северна Македонија е првата земја од Западен Балкан која го започна стратешкиот дијалог со САД како следна напредна фаза во политичката и економската соработка со идентификување на нови проекти и иницијативи од заеднички интерес.

На средбата Ковачевски и Ескобар разговараа за актуелната состојба во светски рамки, кризата предизвикана од воената агресија на Русија врз Украина.
Влада на Северна Македонија

„На средбата Ковачевски и Ескобар разговараа за актуелната состојба во светски рамки, кризата предизвикана од воената агресија на Русија врз Украина, која уште еднаш е оценета како неоправдана и со ништо неиспровоцирана и како исклучително сериозна за меѓународната безбедност и сигурност“, велат од владата.

Ескобар, ја нагласил неопходноста од итен почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ и ја потенцирал поддршката на САД за изнаоѓање заеднички прифатливи решенија за билатералните прашања со Република Бугарија.

„Секое натамошно одлагање на тој процес, нагласија двајцата соговорници, предизвикува сериозни регионални последици и ги поттикнува ризиците за зголемено влијание на трети страни“, додаваат од владата.