Преспа форум - Без Западен Балкан и негова интеграција во ЕУ, тоа е речиси невозможно

Your browser doesn’t support HTML5

65 години по Договорот од Рим, дали Европа е целосно економски обновена и интегрирана? Со овој панел започна вториот ден од Преспа форумот за дијалог кој се одржува во Охрид.

Регионот за Западен Балкан, се соочува со економски ветришта поради војната во Украина, беше речено на панел дискусијата. Македонскиот премиер Димитар Ковачевски, кажа дека во денешни услови на светски превирања, уште повеќе се нагласува потребата од интеграција на регионот во ЕУ.

„Имаме направено многу одрекувања. Сме донеле тешки одлуки за зачленување во ЕУ и НАТО. Членството во НАТО е постигнато. Заради една блокада ЕУ не ги исполнува ветувањата иако има широка поддршка од земјите членки“, рече Ковачевски.

Српската премиерка, Брнабич рече дека по договорот од Рим, Европа не е целосно економски обновена и интегрирана.

„Ако и кога Западниот Балкан ќе стане целосно интегриран во ЕУ, тогаш одговорот би можел да биде да. Мислам дека е логично да се прими Западен Балкан во европското семејство, колку што е можно побрзо. Тоа е политички и економски исправна одлука, но и стратешки исправна одлука. И, мислам дека треба да се направи што побрзо, а не подоцна“, рече таа.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеј, рече дека ова се тешки времиња за нашите економии.

„Оваа година бевме погодени и од руската воена агресија врз Украина. Но, последиците од војната се видливи и пошироки во регионот. Ве уверувам дека Западниот Балкан, останува наш приоритет и тоа е причината поради која Западниот Балкан е во нашите политики за олеснување на кризите со гас и храна. Ќе ја намалиме зависноста од руските фосилни горива, со вклучувања во европската енергетска платформа, со заедничка набавка на течен нафтен гас и водород“, рече Вархеј.

Беше речено дека сите земји во регионот се соочуваат со инфлација, најголема по втората свеска војна.