„Француски предлог“ – последен обид за постигнување договор меѓу Скопје и Софија

Your browser doesn’t support HTML5

Шефот на ЕУ во посета на Северна Македонија

„Француски предлог“, тоа, како што се шпекулира во Скопје и во Софија, е неофицијалното име на документот кој е без малку последниот обид за постигнување договор меѓу Северна Македонија и Софија во овој период. Идејата на официјален Париз, која е дел од француската иницијатива за изнаоѓање компромис за време на нејзиното претседавање со Унијата за кревање на бугарското вето, не ја потврдија, но ниту ја демантираа шефот на државата Пендаровски и претседателот на Советот на ЕУ, Мишел, кој е во посета на земјава.

„Француски предлог, има или нема, тоа е интерна работа на ЕУ зашто станува збор за преговори кои тие ги прават меѓу себе во контекст на подготовки на заклучоци за Самитот на 23 јуни. Ние, во Скопје, немаме видено француски предлог, ние зборуваме со нашите бугарски колеги. Немам намера да коментирам за тоа што се случува во Бугарија, тоа е нивна внатрешна работа.“, изјави Стево Пендаровски, претседател на Северна Македонија.

Слична позиција – да не коментира, имаше и Шарл Мишел.

„Сакам да потврдам дека навистина работиме напорно за да постигнеме конкретни резултати наредната недела кога се одржува Советот на ЕУ. Не сакам да коментирам што ќе се направи во рамки на француското претседателство. Сакаме да посредуваме да се најде решение меѓу 27 лидери, го подготвувавме овој состанок и неколку дена пред тоа мора да имаме некаква дискреција“, истакна Шарл Мишел, претседател на Советот на ЕУ.

Но, претседателот на Советот на Унијата беше поконкретен кога станува збор за значењето на кревањето на блокадата, особено во ситуација на војна во Европа.

„Војната во Украина отвори едно ново поглавје во европската историја и го стави проширувањето во преден план. Во однос на Северна Македонија сакам да дадам една јасна порака – ЕУ е цврсто посветена на вашето членство во Унијата. Преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија треба да почнат што е можно побрзо. Тоа е врвен приоритет и ги поддржуваме сите напори за да се најде заеднички прифатливо решение на билатералното прашање со Бугарија. Јас сум вклучен во процесот заедно со Франција и со ЕУ за овој процес да се придвижи и убеден сум дека многу брзо ќе има позитивен развој.“, додаде Мишел.

Шефот на државата прати порака во Софија – дека со условувања со билатерални прашања и наштетува на стратешката цел на целата ЕУ.

„Денес разговаравме за тоа дека со пролонгирање на македонските евроинтеграции се разнишува кредибилитетот на Европската унија што истовремено значи и опаѓање на нејзиното влијание меѓу нашите граѓани. Условувањето од страна на земја членка кон земја кандидат за членство од билатерални причини, не само што флагрантно го прекршува ветувањето за европска иднина на земјите од Западен Балкан, туку може и целосно да ја компромитира политиката на проширување и да прерасне во опасен преседан кој ќе стави крај на овој процес, кој со години беше сметан за најдобрата надворешна политика на Унијата.“, истакна Пендаровски.

Интензивната дипломатска комуникација на релација Скопје-Софија-Брисел-Париз продолжува и понатаму, иако надежите не се многу оптимистички поради комплицираната ситуација во која се наоѓа коалицијата на бугарскиот премиер – денеска беше разрешен спикерот на бугарското собрание, Минчев, кој е дел од партијата на премиерот Кирил Петков. Шарл Мишел, пак, за другата недела во Брисел, во пресрет на Европскиот совет, најави состанок со земјите од Западен Балкан на кој една од главните теми ќе биде токму прашањето на блокираните евроинтеграции.