Американска конгресна комисија што го истражува нападот врз Капитолот на 6 јануари 2021 година го одржа своето прво јавно сослушување во четвртокот вечерта, при што членовите ја посочија вината врз поранешниот претседател Доналд Трамп за поттикнување, како што го нарекоа, обид за државен удар без преседан.
Двочасовното телевизиско сослушување, прво во серијата од седум закажани за месецот, уследи по широката истрага за нападот од поддржувачите на Трамп откако тој ги загуби претседателските избори во 2020 година од претседателот Џо Бајден. Додека клучните детали за наодите на комисијата протекоа во последниве месеци, членовите на комисијата го искористија сослушувањето за да понудат, како што рече претседателот на комисијата, конгресменот Бени Томпсон, „вистинско објаснување за тоа што се случило и што довело до нападот“.
Нападот, рече Томпсон, за време на воведните зборови, беше „кулминација на обидот за државен удар“. Насилството произлезе од „раширен, повеќе-степен заговор чија цел беше да ги поништи изборите“, а Трамп беше во центарот на заговорот, рече Томпсон. „И на крајот, Доналд Трамп, претседателот на САД, поттикна толпа домашни непријатели на Уставот да маршираат до Капитол за да ја урнат американската демократија“, истакна тој.
Нападот на 6 јануари уследи по говорот што Трамп го одржа претходно истиот ден на собир во близина на Белата куќа, каде што ги повика илјадниците свои приврзаници да маршираат кон Капитол и „да се борат со сите сили“.
Додека членовите на Конгресот беа внатре во Конгресот за четиригодишниот ритуал на потврдување на резултатите од претседателските избори, за победата на Бајден над Трамп, повеќе од 2.000 поддржувачи на Трамп го пробија обезбедувањето пред Капитолот за да ја запрат постапката.
Тогашниот потпретседател Мајк Пенс, кој претседаваше со седницата, и членовите на Конгресот беа евакуирани на безбедно и не се вратија подоцна истата вечер за да ја завршат потврдата на гласовите на изборите. Седум лица, меѓу кои и еден полицаец, загинаа како резултат на нападот, според двопартискиот извештај на Сенатот, а повеќе од 150 полицајци беа повредени.
Нападот беше настан без преседан во американската историја.
До денес, повеќе од 840 лица се уапсени во врска со нападот на 6 јануари, од кои околу 305 се изјаснија за виновни, главно за прекршочни пријави, соопшти во средата Одделот за правда. ((https://www.justice.gov/usao-dc/17-months-jan-6-attack-capitol