Судот бара конфискација на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ 

Седиштето на партијата ВМРО - ДПМНЕ во Скопје

Првообвинетиот, екс-премиерот и претседател на партијата Никола Груевски доби шест години затвор, второобвинетиот Кирил Божиновски, поранешен генерален секретар на партијата доби две години затвор кои се заменети со петгодишна условна казна, а Судот покрај седиштето на ВМРО-ДПМНЕ донесе пресуда за конфискување и на триесетина партиски штаба низ државата


СКОПЈЕ - Конфискување на седиштето на ВМРО - ДПМНЕ и триесетина партиски штабови, конфискација на имотната корист и затворски казни за екс-премиерот и претседател на партијата Никола Груевски и поранешниот генерален секретар Кирил Божиновски. Вака гласи пресудата за случајот „Талир 2“ која денеска во скопскиот Кривичен суд ја изрече судијката Даниела Алексовска Стојановска.

Никола Груевски, кому му се судеше во отсуство и кој е во бегство во Унгарија, доби шест години затвор додека второобвинетиот Кирил Божиновски е осуден на две години затвор - мерка која е заменета со пет години условна затворска казна, период во коj не смее да стори кривично дело.

Образложувајќи ја пресудата, судијката Алексовска Стојановска кажа дека двајцата обвинети постапувале свесно и со умисла спротивно на Законот за политички партии и Законот за финансирање на политичките партии и дека во текот на постапката се докажало дека тие ја злоупотребиле службената положба и овластувања и прибавиле нов објект за партијата - зграда од осум ката во кое е седиштето вредно седум милиони евра, како и дополнителни два милиони евра со кои потоа партијата купувала имот низ државата.

„Поголемите овластувања значат и поголема одговорност. Во конткретниот случај обвинетите како одговорни лица од највисок ранг во политичката партија се издигнале над законот. Теснопартиските и личните интереси биле водечки мотив за дејствијата кои во конретниот случај ги презеле првобвинетиот Никола Груевски како претседател и второобвинетиот Кирил Божиновски како генерален секретар, уривајќи ги на тој начин темелните вредности на една правна и демократска држава. Пораката е јасна дека во иднина ниту едно одговорно лице во политичка партија не треба да се осмели да стори такво или слично кривично дело во ова општество и мора да владее правото како основен принцип“, рече судијката Алексовска Стојановска.

Таа појасни дека постапката за избор на изведувач била компромитирана од самиот почеток бидејќи 75 отсто од приходите на „Бетон“ во тој период биле од државни тендери, а обвинетите пак, се обидувале пред членството да ја прикажат како транспарентна и легална.

Судот ги поништи и договорите кои партијата ВМРО-ДПМНЕ ги склучи со фирмата „Бетон“ бидејќи пазарната вредност на земјиштето кое партијата го дала на располагање било 800 илјади евра а за возврат добиле десеткратно повеќе.

„Почитувани присутни проценете и сами. Дали објект чија вредност е проценета на седум милиони евра може да се подведе како функционален деловен објект неопходен за функционирање на политичката партија која во тоа време била на власт или пак сите вонстандардни димензии и луксузна оперменост преставува нешто многу повеќе од тоа“, нагласи судијката Алексовска Стојановска.

Обвинителот Љубомир Лапе најави дека ќе се жалат на пресудата и тоа во делот на условната казна за второбвинетиот Кирил Божиновски.

„Задоволни сме од пресудата во делот на видот на санкциите. По добивањето на писмена пресуда ќе ги проучиме причините поради кои е изречена алтернативна мерка. Мислам дека ќе се жалиме, но прво да ја проучиме пресудата“, рече Лапе.

Тој појасни дека Обвинителството не побарало конфискација на земјиштето на кое се наоѓа седиштето на партијата бидејќи не е предмет на кривично дело, но додаде дека ќе се конфискуваат сите предмети и објекти кои се наоѓаат во него.

„Можно е конфискација на партиското седиште. Го повлeковме предлогот за конфискација на земјиштето бидејќи земјиштето не е предмет на кривично дело. Стварите вградени во објектот спаѓаат во конфискацијата“, изјави обвинителот Лапе.

Правните застапници на партијата, адвокатите Дончо Наков и Ружица Николовска, сметаат дека не може да се одземе имот на партијата поради дејствата на Груевски и Божиновски.

„Сметам дека на оваа судска постапка интенцијата беше исклучиво кон имотот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Морам да укажам дека иако судскиот совет се обиде да ја оправда пресудата за конфискација на имотот со толкување на некакви законски одредби, правата на партијата ВМРО-ДПМНЕ беа ускратени. Во текот на постапката не беше сослушан претставникот на ВМРО - ДПМНЕ за да се произнесе во однос на околностите. Да се конфискува цел имот на една политичка партијата заради дејства на две обвинети лица е надвор од секаква правна и здрава логика. Можеше да се конфискува личнито имот на осудените лица. Овој имот на ВМРО-ДПМНЕ не може да се толкува дека целиот е заслуга на само две лица. Во таа пртија има многу лица кои допринеле за тој имот“, изјави Ружица Николовска, адвокат на партијата ВМРО-ДПМНЕ.

Во текот на судскиот процес Обвинителството презентираше докази како е менуван Деталниот урбанистички план (ДУП) за да се зголеми габаритот на зградата во кое е седиштето на партијата како и голем број на објекти кои се купени со парите исплатени од фирмата „Бетон“.

Премедетот „Талир“ го отвори Специјалното јавно обвинителство кое потоа го раздвои и поднесе две обвиненија „Талир“ за незаконското финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ и „Талир 2“.