Ескобар: Ве охрабрувам „Отворен Балкан“ да остане економски, бидејќи ова не е политички проект

Војната во Украина го прави „Отворен Балкан“, поголема нужност отколку што беше, порача премиерот на Албанија, Еди Рама на отварањето на четвртиот регионален самит во Охрид. Премиерите на Северна Македонија Димитар Ковачевски, претседателот на Србија Александар Вучиќ и на Албанија Еди Рама, исто така порачаа и дека местото на Западен Балкан е во ЕУ и оти, ова е идеја која ќе има се повеќе приврзаници. Тројцата лидери порачаа дека и останатите земји од регионот се добредојдени во иницијативата.

„Главна политичка цел на сите од регионот е дека Западен Балкан, мора да стане дел од ЕУ. Земјите од Западен Балкан се тесно поврзани. Кога има напредок во една земја, тоа е потик за напредок и во други земји. Европски е да си помагаме, а не да се кочиме и блокираме. Војната во Украина е ризик за зголемено влијание на трети земји во регионот. Затоа сите мора да бидеме внимателни и подготвени. Оставањето на геостратешка празнина во нашиот дел од Европа не е опција. Ние денес од Охрид, испраќаме јасна порака, дека од исклучителна важност е ЕУ и земјите членки, максимално одговорно да прифатат дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан сега веќе е стратешко и безбедносно прашање. Бараме ЕУ да го подржи овој наш напор и да го препознае како инспирација за решавање на сопствените проблеми “, рече Ковачевски.

„Секогаш кога доаѓа Европскиот совет се спремаме како за свадба. Албанија веќе не се спрема за свадба. Ако се случи ќе одиме како што сме облечени, нема да сме свечено, нема оркестар, нема да трошиме на банкети и сватови, па да нема кој да дојде по невестата или нема да дојде зетот. „Отворен Балкан’ е младоженецот, а невестата е ЕУ. Ова е лошо за нас, подобро да бевме невеста побрзо ќе не земеа. Кога си маж со толку проблеми, со такво минато, е голем проблем. Но, нашиот пат е многу јасен – ние сакаме Европа да ја изградиме овде, наши системи на функционирање и потоа кога тие ќе сакаат свадба ќе бидеме подоготвени“, рече Рама.

Ковачевски додаде дека ова е време на големи предизици, кои бараат храбри одлуки и заедништво.

„Ова е наша заложба за подобра живот на нашите народи, наша автохтона иницијатива за европеизација на регионот. Отворен Балкан веќе ги дава првите рзултати за граѓаните и стопанствениците. Цела Европа и ние земјите од регионот се соочуваме со сериозни последици од војната, енергетска, економска и здравствена криза и во вакви услови ние сме природно упатени едни на други“, рече Ковачевски.

Српскиот претседател, Александар Вучиќ рече дека на регионот никогаш како порано му е потребна меѓусебна соработка, поради актуелната состојба со недостатокот на храна.

„Ние речиси и да немаме меѓусебни билатерални проблеми. Успеавме да решиме одредени проблеми кои беа меѓу нас, седумдесет години. Ние немаме барања спрема никого, освен да соработуваме и да работиме во интерес на нашите граѓани. Ова е толку добра идеја што од година во година ќе има се повеќе подржувачи во нашите земји и во регионот. Сите останати се добредојдени. Сакам да формираме работни групи веднаш или на следната средба, кои ќе се погрижат околу тоа како да ги надминеме тешкотиите од областа на снабдувањето со храна и од областа на енергетиката. Како и меѓусебно да си помогнеме како да ја преживееме зимата“, рече Вучиќ.

Со истотот се согласува и албанскиот премиер, Еди Рама.

„Денес сме тука бидејќи сакаме да продолжиме кон иднината, без да ги затвориме очите кон се уште не решените проблеми, но убедени сме дека тие нерешени проблеми, можат да се решат само доколу ние се движиме меѓусебно. Околу енергетскиот дел, денеска сите се наоѓаме пред еден нож со две оштрици, но ние сме многу поранливи од другите. А, на хоризонтот се гледа една зима, каде проблемот нема да биде цената, која ќе продолжи да расте, туку проблемот ќе биде дека не постои електрична енергија да се купи. Ние немаме луксуз да свртиме грб еден на друг и да ги отвориме тефтерите на конфликтот. Тука исто така ќе бидеме соочени заедно и со пченицата. Затоа ќе се потврди дека „Отворен Балкан“, не е ниту мој ниту на било кој друг од нас. Тој им припаѓа на луѓето“, рече Рама.

Заменик државниот секретар Габриел Ескобар во видео обраќање како и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеј, порачаа дека САД и ЕУ ја подржуваат оваа иницијатива. Ескобар рече дека го подржуваат Западен Балкан, бидејки нуди огромни можности не само за луѓето од регионот туку и за Европа и САД.

„Западен Балкан има потенцијал да биде центар за обновлива енергија, што ќе ни помогне да се справиме со климатските промени. Има капацитет да биде центар за течен природен гас и да и помогне на Европа да се ослободи од зависноста од рускиот гас. САД ја подржува иницијативата „Отворен Балкан“, но нашата подршка се заснова на неколку работи. Прво треба да се работи не само за економска регионална соработка, туку за соработка и интеграција во пошироката европска структура. Второ, веќе има многу иницијативи за создавање на некаква економска интеграција. Ние ги подржуваме сите оние кои промовираат мир и стабилност меѓу земјите од Западен Балкан. И, трето, со цел ова да биде успешно треба да биде отворено за сите. Секоја иницијатива треба да ги вклучува сите шест земји од Западен Балкан на еднакво ниво. Ги охрабрувам лидерите на оваа иницијатива, да го усогласат „Отворен Балкан“, со сите други иницијативи кои фунцкционираат во регионот. Со ова ќе се осигурате дека работите нема да се дуплираат, а при тоа ќе постигнете највисоко ниво на интеграција. Ве охрабрувам оваа иницијатива да остане економска. Ова не е политички проект, туку е важен економски проект и важно е да се фокусира на создавање на можности за луѓето од регионот. Така ќе имате и повеќе подршка“, рече Ескобар.

Вархеј рече дека се додека иницијативата се заснова на забрзување на приспособување на правилата и нормите на ЕУ, Унијата ќе биде тука да помогне.

„Отворен Балкан може да биде можност за забрзување на патот кон ЕУ. Според мене ако работата ја завршиме добро, ќе ја забрза и економската интеграција на регионот, а треба да ја забрза и реалната интеграција на регионот во ЕУ. Ова е многу важно достигнување на регионот, бидејки регионот ја смисли. Не бевме ние, не беа САД, не беше никој друг, туку беше самиот регион. Може да помогнеме со економскиот инвестициски план и со заедничкиот регионален пазар, затоа што тоа е нашиот начин за „Отворен Балкан“. Но додека дојдеме таму сметам дека „Отворен Балкан“, треба да продолжи понатаму. Гледаме како се потпишуваат договори и ги гледаме резултатите од претходните договори. Ова е важно особено во кризата во која се наоѓаме поради војната во Украина“, рече Вархеј.

Инаку тројцата лидери во Охрид ќе потпишат неколку договори и меморнадуми за соработка, како што се взаемно признавање на дипломите и научните звања издадени во високо образовни институции во регионот, со што ќе за забрза постапката за создавање и на единствен заеднички пазар на трудот. Отворен Балкан ќе се промовира и како регионална туристичка дестинација, а ќе се потпишат и договори за соработка во областа на културата и туризмот, како и договор со кој ќе се обврзат на здружена борба против затајувањето на данок. Во функција на набљудувачи, во Охрид присутни се и црногорскиот премиер, Дритан Абазаовиќ, кој веќе најави дека не ја исклучува можноста за приклучување на неговата земја во иницијтивата, како и босанскиот претседавач со Советот на министри, Тегелтија. Тој пред да дојде во Охрид, побарал согласност од Претседателството на БиХ за пристапување на земјата во регионалната иницијатива. За сега единствено Косово одбива да биде дел од истата.