Уништена земја, со целосно збришани градови и села, со илјадници убиени цивили и милиони раселени лица е моменталниот статус што го има Украина после 100 дена од руската инвазија врз нејзината суверена територија.
Според податоците на Обединетите нации, од првите напади на 24 февруари, па до 1 јуни се регистрирани повеќе од 4.000 загинати цивили. Од нив повеќе од 250 се деца.
Во реонот на Донецк и Луханск се регистрирани околу 2.300 жртви.
Сепак, според објаснувањето на Високиот комесеријат за човекови права при ОН, овие бројки се нецелосни, бидејќи постојат региони во кои сè уште нема можности да се проверат, пребројат и потврдат бројките на загинатите. Стравувањата се дека многу повеќе цивили загинале во стоте дена војување на украинска територија.
Според објаснувањата од Комесеријатот, повеќето од загинатите биле жртви на масовни гранатирања.
Од друга страна, официјалните украински лица, тврдат дека повеќе од 21.000 се цивилни жртви во Мариупол. Во Северодонецк, град во регионот на Луханск, според тамошниот градоначалник, има повеќе од 1.500 загинати цивили.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, пак, деновиве изјави дека 60 до 100 украински војници дневно ги губат животите во борбите. Русија, од друга страна, последен пат јавно објави бројки во март, кога еден од генералите во изјава за руските медиуми наведе дека загубиле 1.351 војник.
Според набљудувачите од Западот, бројката на загинати руски војници е далеку повисока и се проценува на околу 30.000 лица.
За бегалците, пак, бројките и натаму се движат во милиони. Првично земјата ја напуштија речиси седум милиони луѓе. Но, после повлекувањето на руските трупи кон истокот на земјата, околу 2.2 милиони се вратиле во Украина.
Така, според статистиките на Обединетите нации, до 1 јуни од земјата како заминати се водат околу 4,7 милиони Украинци, кои се претежно сместени во европските земји. Најмногу од нив, повеќе од три милиони, заминале во Полска.
Your browser doesn’t support HTML5
(Делови од оваа објава се пренесени од Асошиејтед прес)