Нема македонски државјани кои барат помош или организиран начин за извлекување од Украина

Your browser doesn’t support HTML5

Речиси три месеци од почетокот на војната во Украина, според официјалните информации сите македонски државјани и нивните семејства се вратија назад во Северна Македонија. Сите тие што побараа и стапија во контакт со нашите дипломатски претставници и Министерството, беа извлечени, велат од Министерството за надворешни работи за Глас на Америка.

„Согласно досегашните информации со кои располага Министерството за надворешни работи, во моментот, нема наши државјани кои барат помош или организиран начин за извлекување од Украина“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.

Но, за разлика од некои други држави, во земјава бројот на бегалци од Украина е се уште мал. Според официјалните податоци на МНР по разни основи престојуваат 954 украински државјани.

Според македонскиот Црвен крст, кај нив за помош се регистрирани 297 бегалци од Украина. Само во Охрид престојуваат 22 лица. Покрај помош во хуманитарни пакети им се нуди и помош во однос на евидентирање на нивниот престој, со цел остварување на права од социјална, здравствена заштита и образование.

„Сите кои имаа потреба да ги запишат децата во градинка, во училиште или доколку им е потребна одредена медицинска помош за да се обратат до јавните здравствени установи во нашиот град, тоа е завршено. Со тоа што тие добиваат посебни картони, со кои ги остваруваат овие права“, вели Мимоза Ставрева, секретарка на Црвен крст Охрид

На овие лица на располагање им е психосоцијална помош од страна на психолог волонтер во охридскиот Црвен крст, како и отворени телефоски линии.

Во меѓувреме локални компании почнуваат да нудат работа за овие луѓе.

„За сите кои сакаат да работат додека се овде имаме заинтересирани компании кои понудија работни места, работа за нив, секако почитувајки ги нашите законски регулативи, за кои ние можеме да им помогнеме, за да ги завршат, за да може да работат и да си остваруваат приходи“, додава таа.

Најчестот бегалците од Украина се сместуваат кај нивни роднини и пријатели во земјава.

„Потребно е системско решение и еднаквост во пружањето на помош за сите државјани на Украина кои се во цела Македонија.Ние ги имаме опслужено сите, но доколу тоа потрае, неможе само со еднаш да помине. Секако дека државата треба да си преземе поголеми надлежности и да ги ублажи последиците од страдањата на овие државјани“, вели Ставрева.

Од МНР велат дека владата на Република Северна Македонија подготвува соодветен план-протокол за прифаќање, згрижување и сместување, како и регулирање на статусот на лица од Украина, а кои како последица на воените дејствија допатуваа или ќе допатуваат во Република Северна Македонија. Од Црвен крст на град Скопје велат дека ниту еден бегалец кој се наоѓа во земјава засега нема добиено статус на бегалец. ради војната во Украина.