Скопје бара ЕУ да преземе политичко лидерство - поради бугарското вето, трпи кредибилитетот на Унијата

Воздржаноста и нервозата во одговорите на дел од амбасадорите не соодветствува на напорите на самата Унија, но и на одделни земји – членки кои бараат решение за ситуацијата во рамките на француското претседателство кое истекува на крајот на јуни.

Европските дипломати немаат или избегнуваат одговори на прашањето - што со процесот на проширување доколку до крајот на јуни нема деблокада за Северна Македонија и Албанија.

Темата стана уште поактуелна откако шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, по министерскиот состанок во Брисел, самиот изјави дека доколку наскоро нема одлука за старт на преговори со Скопје и со Тирана, односите меѓу Западен Балкан и Унијата ќе паднат во сериозна криза.

Апсолутно не сакам да навлегувам во дискусија за крајни рокови.
Гир, Евроамбасадор

„Апсолутно не сакам да навлегувам во дискусија за крајни рокови. Она што сакам да го кажам е дека максимални напори треба да се преземат за постигнување на целта – отворање на преговори што е можно поскоро. Тоа е во интерес на сите нас.“ , изјави Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ во Скопје.

Наспроти дипломатското избегнување одговор на Дејвид Гир, неговата колешка-амбасадорка на Германија, една од клучните членки на Унијата, манифестираше сериозна нервоза во однос на истото прашање.

Your browser doesn’t support HTML5

Европските дипломати воздржавни во изјавите за Македонија

Ситуацијата меѓу Скопје и Софија е статус-кво. Колку е реално во јуни да има договор?

„На тоа нема да одговорам“, кусо возврати Анке Холштајн, амбасадорка на Германија во Скопје.

Воздржаноста и нервозата во одговорите на дел од амбасадорите не соодветствува на напорите на самата Унија, но и на одделни земји – членки кои бараат решение за ситуацијата во рамките на француското претседателство кое истекува на крајот на јуни.

Она што се забележува во настапите на домашните политичари е поголемата доза на критика кон европските институции за начинот на кој тие го менаџираат процесот, кој поради бугарското вето, е во статус - кво поради што трпи кредибилитетот на Унијата.

Скопје бара ЕУ да преземе политичко лидерство и одговорност.

Ние одамна ја имаме надминато оваа стратешка крстосница и не само што донесовме правилни одлуки и постојано докажавме дека сме искрен и доверлив партнер на Унијата, туку и цврсто чекориме кон реализација на целите. И затоа очекуваме државите членки на Унијата, да ја прилагодат оптиката на реалноста и да одговорат на денешните предизвици од кои ќе зависи иднината на Европа.“, вели Бојан Маричиќ, вицепремиер за европски прашања.

Премиерот Ковачевски, кој директно ја критикуваше Унијата дека оправдува што интеграцијата е сведена на зборување за историја, денеска го повика Брисел да го испорача ветувањето кон Западен Балкан за полноправно членство.

Новата геополитичка реалност во светот, во Европа особено, со оглед на руската агресија секако дека налага ЕУ да го размислува својот понатамошен развој
Ковачевски, премиер на Северна Македонија

„Новата геополитичка реалност во светот, во Европа особено, со оглед на руската агресија секако дека налага ЕУ да го размислува својот понатамошен развој, но постои и проширувањето, во кој сме ние дел, не треба да биде засегнат од новото геополитичко опкружување.“, смета премиерот Ковачевски.

Дека има сериозно раздвижување за проширувањето зборува информацијата дека наскоро во регионот ќе допатува и германскиот канцелар, Олаф Шолц, за да ја пренесе пораката дека иднината на Балканот е во Европската унија.

Покрај Шолц, во прашањето за симнување на бугарското вето, директно се инволвира и францускиот претседател, Емануел Макрон кој вчера телефонски разговараше и со премиерот Ковачевски и со бугарскиот претседател, Радев.

Дали интензивните напори ќе дадат резултат, ќе се знаат наскоро.

Наредниот состанок на Советот за општи работи на Унијата на кој се носат одлуки поврзани со проширувањето, е закажан за 23 мај.

До крајот на француското претседателство има една сесија – на 21 јуни.