ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од предвремени парламентарни избори, можни се и протести

Your browser doesn’t support HTML5

ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од намерата да ја принуди власта на предвремени парламентарни избори. Најголемата опозициска партија најавува заострување на своето делување откако речиси една седмица применува, како што ја нарече, активна блокада на Собранието – се што ќе процени. На маса се сите мерки, освен напуштање на работата на парламентот. „Дали се во игра и протести“ – да, вели лидерот Мицкоски.

„Па нели според СДСМ и ДУИ нема блокада, ја совладале блокадата. Јас така знам они велат ја совладале блокадата и нема блокада и Собранието си функционира нормално, ама затоа секаде каде што идат по амбасади коленичат и цимолат дека ВМРО-ДПМНЕ им го блокирало Парламентот. Ако мислат дека ако ние ќе го напуштиме Парламентот е нешто што они најмногу го сакаат Зоран Заев преку Ковачевски и Талат Џафери за да може се да си поминат, она кое што во овој момент е против интересите на народот и граѓаните, а ВМРО-ДПМНЕ го блокира“, рече Христијан Мицкоски.

„Но, се е на маса, само не е напуштање на Парламентот, тоа задоволство нема да го има оваа власт, да го напуштиме Парламентот за да можат од Законот за марихуана па наваму се да си поминат. Дали следен чекор се можни протести. – Да“, додаде тој.

Таргетот на Мицкоски е наесен да се одржат предвремените избори кои ги посакува. Но, за такво сценарио потребна е согласност и на владејачкото мнозинство. Премиерот и лидер на најголемата партија во владата – СДСМ, Димитар Ковачевски одбива средба на која ќе се разговара само за избори. Во постапувањето на ВМРО-ДПМНЕ тој гледа неодговорно однесување.

„Пристапот на ВМРО-ДПМНЕ, досега велев опозицијата, меѓутоа очигледно е дека не е опозицијата, туку дека се работи само за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи ги гледаме другите политички партии кои имаат поодговорен пристап од опозицијата, дека ова го прават чисто од политички лични причини, за обезбедување некакви си позиции во самата партија. Уште еднаш ги повикувам сите пратеници во Собранието да бидат на ниво на одговорноста што ја имаат не пред партија, туку пред граѓаните, со оглед дека Собранието треба да работи за да се носат закони што значат унапредување и на стандардот, на задржување на стандардот на граѓаните“, рече премиерот Димитар Ковачевски.

Дополнителни тензии меѓу мнозинството и опозицијата внесе и аудио снимка на која, како што вели ВМРО-ДПМНЕ, се слуша гласот на спикерот Џафери кој со недолични зборови и пцости им се обраќа на собраниските служби. Опозицијата бара негова оставка, а претседателот на парламентот, кој неколку дена молчи за инцидентот, замина во посета на германскиот Бундестаг.