Рускиот претседател Владимир Путин ги обвини западните нации за неговата инвазија на Украина, велејќи дека Русија дејствувала како одговор на „апсолутно неприфатлива закана до нашите граници“.
Обраќајќи се на воената парада за комеморација на поразот на нацистичка Германија во Втората светска војна, Путин зборуваше за барањата на Русија за безбедносни гаранции, кои Русија ги направи во месеците пред нејзината инвазија на 24-ти февруари, додека постојано инсистираше дека нема планови да го нападне својот сосед. Официјални претставници на САД и на НАТО се сретнаа со руски официјални претставници повеќе пати, но отфрлија одредени руски барања, како што беше барањето Украина да не се приклучи во НАТО сојузот.
„Земјите на НАТО не сакаа да не слушаат, што значи дека тие всушност имаа сосема различни планови, а ние тоа го видовме“, рече Путин.
Путин, исто така, повлече паралели меѓу советските сили од Втората светска војна и денешните руски сили во Украина. Путин ја окарактеризира инвазијата на Украина како операција за „деназификација“ на земјата, додека Украина и нејзините западни сојузници велат дека Путин започнал неоправдана војна.
Советникот на украинскиот претседател Михаило Подољак рече дека нема рационална причина за војната освен „болните империјални амбиции“ на Русија.
„Земјите на НАТО немаше да ја нападнат Русија“, напиша Подољак на Твитер по говорот. „Украина не планираше да го нападне Крим. Руската војска умира, не ја брани својата земја, туку се обидува да окупира друга“.
Во својата порака во понеделникот, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече: „не се сомневаме дека ќе победиме“.
„Денес го славиме Денот на победата над нацизмот. Ние сме горди на нашите предци кои заедно со другите народи во антихитлеровата коалиција го победија нацизмот. И, нема да дозволиме никој да ја анектира оваа победа. Нема да дозволиме да се присвои“, рече Зеленски.
„Победивме тогаш. И, сега ќе победиме“, додаде тој.
Додека руските сили ги фокусираа нападите врз регионот Донбас во источна Украина, руска бомба срамни училиште во провинцијата Луганск.
„Во Луганск, загинаа околу 60 луѓе, цивили, кои едноставно се криеја во училиштето“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео-обраќањето доцна во неделата.
Британското Министерство за одбрана во понеделникот соопшти дека Русија најверојатно ги исцрпила резервите на прецизно наведувана муниција и современо оружје, принудувајќи ја да ја користи постарата муниција што е помалку доверлива и помалку прецизна.
„Руската инвазија на Украина ги откри недостатоците во нејзината способност да изведува прецизни напади“, соопшти Министерството. „Русија ги подложи градовите во Украина на интензивни бомбардирања со малку или никакво внимание за цивилните жртви“.
Некои информации се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.