Македонскиот јазик е темел на македонскиот идентитет

Македонскиот јазик е признаен во светот и не потекнува од бугарскиот порачаа академците од МАНУ и од катедрата за македонски јазик на денешната прослава на Денот на македонскиот јазик, во период кога е оспоруван од соседна Бугарија. На 5 мај 1945 година со решение на народната влада на Федерална Македонија е усвоена Азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик


СКОПЈЕ – Македонскиот јазик е нашиот идентитет, темелот на македонската држава и нација и неговото негирање е негирање на постоењето на македонскиот народ и држава. Ова е пораката која денеска ја испратија академиците и државниот врв по повод прославата на 5 мај – Денот на македонскиот јазик. Прославата и пораките доаѓаат во период кога македонскиот јазик, а со тоа и идентитет и нација се силно оспорувани од политичарите и академската заедница во Бугарија.

Македонскиот јазик е признаен во светот и не потекнува од бугарскиот јазик, зашто двата јазици имале сопствен развој, порачаа Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет, на денешното чествување.

„Македонскиот јазик е јужнословенски јазик. Си има паралелно свој сопствен развој , како што си има и бугарскиот свој сопствен развој. Јас токму тоа го нагласив и секогаш го нагласувам, апропо сегашнава ситуација дека македонскиот јазик има еден континуитет кој што е неспорен . Секој што сака да прочита и да ги види фактите , тој континуитет ќе го види . И тоа не е нешто што само ние го тврдиме како Македонци.Тоа е од светот признаена работа, од светските научници“, рече проф. д-р Искра Пановска- Димкова.

Директорката на Институтот за македонски јазик „Блаже Конески“,Елена Јованова- Грујовска, потсети дека во годината на Конески, започна целосната дигитализација на картотеките во Институтот. Таа порача дека итно мора да се усвои новиот Закон за македонски јазик , кој е заглавен во Собранието.

„Со тој закон се пропишува дополнително вработување на лектори во сите институции. Тоа значи дека веќе нема да имаме неписмена преписка. Потоа задолжително вработување лектори во сите медиуми, со што ќе имаме поголема чистота и грижа за македонскиот јазик, рече Јованова – Грујовска.

На Институтот за македонски јазик кадарот е преполовен и во изминатите четири години не се примени нови научни работници.

„Ќе се доведеме во ситуација во 21 век да си го укинеме сами македонскиот јазик, не заради соседите Бугари, не заради Европската Унија , која впрочем и не мора да не прими ако не сака , туку заради тоа што ќе нема кој да зборува македонски. Јазикот живее додека живеат неговите говорители, а на нашите улици повеќе се слуша англиски јазик зашто родителите си ги подготвуваат своите чеда за некоја странска земја.А, потребата од наставен кадар има само таму каде што има деца“, изјави Веселинка Лаброска- дописен чен на МАНУ.

Јазикот е нашата татковина а иднината на нашиот јазик е иднината на нашата татковина, порача премиерот Димитар Ковачевски.

„ Оваа Влада искрено и силно е посветена на негувањето и унапредувањето на македонскиот јазик, бидејќи нашиот јазик е нашиот национален и културен идентитет. Македонскиот јазик е јазикот на Блаже Конески, Гане Тодоровски, Даница Ручигај, на Анте Поповски, Славко Јаневски, Матеја Матевски, Ката Мисиркова Руменова, на Петре М. Андреевски, Видое Подгорец, Оливера Николова, Оливера Ќорвезировска, Румена Бужаровска, Лидија Димковска и на плејада други претходни и сегашни литерати кои низ годините наназад оставија илјадници книги напишани од нивното македонско перо. На македонски јазик се школувале, се школуваат и ќе се школуваат генерации и генерации успешни академици, доктори, инженери, новинари, културни работници и сите останати“, изјави премиерот Ковачевски.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ја нагласи уникатноста на македонскиот јазик и се осврна на дел од неговите особености, на македонската азбука и на богатството од дијалекти.

„Факт е дека нас Македонците не има насекаде и ќе не има се додека говориме и им говориме на нашите поколенија на македонски јазик“, рече Костадиновска-Стојчевска.

„Послушајте, Македонци! Бидете на штрек пред таквите „правни“ диверзии, од каде и да идат! За нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува, со сѐ што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина. Тој е, заправо, единствената наша комплетна татковина“,гласи заветот на писателот Блаже Конески.

На овој ден во 1945 година, со решение на народната влада на Федерална Македонија е усвоена Азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.