Поларизацијата во македонското општество во однос на клучни прашања од политиката, економијата, образованието, социјалната политика, а пред сè надворешната политика донесе и огромна поделба во однос на ставовите на граѓаните, па оттаму дојде и до поларизираност во однос на тоа кому ќе веруваат од содржините пласирани во медиумите.
Во време кога медиумската писменост во земјата е на ниско ниво, македонските граѓани пред себе имаат илјадници содржини со контрадикторни информации и тие одлучуваат која содржина самите ќе ја одберат како вистина.
Долго време во Северна Македонија се водеа дебати за тоа дали веб - порталите треба да бидат законски регулирани во однос на содржините што ги објавуваат, односно дали треба да постои државно тело што ќе ги регулира истите. Новинарската заедница децидно застана зад ставот дека Интернет просторот е слободен и дека секое мешање од страна на државата би било еднакво на цензура.
Сето ова допринесе кон слобода на изразувањето, но истовремено, како меч со две острици, доведе и до пласирање лажни вести и дезинформации, без притоа никој да одговара за истото.
Постоењето на Интернет портали без позната сопственичка структура, регистрирани надвор од државата, придонесува да се пласираат лажни вести и дезинформации, кои се мошне вирални и споеделувани во македонскиот Интернет простор. Сето ова е како добро разработена машинерија, односно дезинформациите и лажните вести се објавуваат пред сè на портали со непозното сопствеништво, а потоа, истите се шират преку специјално креирани групи и страници на социјалната мрежа „Фејсбук“ и на тој начин стигнуваат до сè поголема публика.
Неретко ваквите дезинформации на прв поглед изгледаат сосема реално и се готов материјал кој може да го преземат некои од т.н. „мејнстрим“ медиуми бидејќи очигледно привлекуваат големо внимание на социјалните мрежи. Единствен начин да се избегне натамошното ширење и пласирање на лажната вест или дезинформацијата е проверката на факти, обврска на новинарите и уредниците.
Дали новинарскиот текст е потпишан или не, дали медиумот има контакт адреса, дали е регистриран, дали има импресум се само дел од работите за кои апелира новинарската заедница до граѓаните, да ги проверат пред да ги примат објавените информации како чиста вистина.
Во напорите граѓаните да дојдат до информации кои не се лажни или недоволно проверени, ЗНМ изработи Регистар на онлајн медиуми, кои ги исполнуваат основните услови за работа, а Советот за етика изработи детални правила за сите медиуми кои сакаат да бидат членки на СЕММ.
Но, сите овие напори засега се покажуваат како залудни, бидејќи, според анкета што ја направи Фондацијата Метаморфозис, довербата на граѓаните во новинарите е исклучително ниска. Имено, според анкетата, 90 отсто од анкетираните 1.100 испитаници, одговориле дека новинарите и политичарите најмногу шират лажни вести и дезинформации.
Тоа не соодветствува во целост со реалноста, со оглед на тоа што професионалните медиуми се обидуваат да се држат до основните новинарски стандарди, а дезинформациите и лажните вести најчесто потекнуваат од портали основани со конкретна цел и финансирани од одредени центри за моќ, кои понатаму се шират со брзина на светлината преку најразлични сајбер тролови и Фејсбук страници со илјадници следбеници.
Оттаму, и пред новинарите и пред граѓаните стојат два големи предизвици– новинарите преку саморегулацијата да инсистираат да бидат одвоени медиумите кои се професионални и ги задоволуваат стандардите за известување, а медиумската писменост да стане нешто на што надлежните институции и невладини организации ќе се посветат комплетно, со цел читателите и гледачите да научат да препознаваат и детектираат дезинформации и лажни вести.
Ретки се медиумите каде што факт-чекери ја проверуваат веста пред да биде објавена, па ова е уште еден чекор кој се очекува во иднина да се оствари, со цел да се спречи она што ги уништува основните принципи на новинарството, а тоа е објавување на вистинити и проверени информации.