Економска независност и законски – основа за слободно и независно новинарство

Во Собранието со години стојат закочени два закони со кои нападите врз новинарите и медиумските работници ќе се гонат по службена должност и со тоа ќе се намали праксата на неказнивост и ќе се намалат драконскте парични казни за медиумите и новинарите. Безбедност и економска независност се клучни фактори за развој на слободното и независно новинарство. Две третини од новинарите имаат плати под државниот просек, се соочуваат со притисоци и закани од политички и бизнис центри на моќ, но и од сопствениците. Само цензурата е сеуште присутна.


СКОПЈЕ – „Без системски решенија што ќе гарантираат квалитетна медиумска содржина и независност на уредувачката и новинарската работа, цело време ќе се вртиме во круг. Време е за суштински промени кои ќе гарантираат слобода на работењето, затоа што слободата на говорот, на мислата, тешко се стекнува, мачно се заработува, но искуството ни вели дека многу лесно може да се изгуби. Да не го дозволиме тоа.“, рече Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) на панел дискусијата посветена на безбедноста на новинарите и медиумските работници по повод 3 Мај – Светскиот ден на слободата на медиумите а која се одржа во претседателската „Вила Водно“.

За чадиковски, малку е тоа што денеска има поголема слобода на говорот од порано а скоско од 33 места на листата на „Репортери без граници“ не треба да залажува никого. Новинарите мора да се спротивстават на медиумската полигархија која е во полигамен брак со политиката и бизнисот.Медиумите се зависни од пари.

„Професионално новинарство чини. Добра информација чини време, труд, размислување и пари. Никогаш не сме кукале и не сме барале државни фондови и тоа нема да го бараме и сега. Сакаме да се стимулира критичко и аналитичко новинарство како предуслов за подобрување на општеството“, нагласи Чадиковски.

ЗНМ ги повтори барањата за итно усвојување на Законот со кој насилсниците против новинарите ќе се гонат по службена должност и Законот за намалување на драконските парични казни за новинарите и медиумите кој со години се заглавени во Собранието.

Економско социјалната положба на новинарите и медиумските работници е крајно загрижувачка. Неплатени дополнителни часови на работа, неплатени ноќни смени, скратени денови на одмор. Новинарите работат во прекаријат е конастатацијата на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ).

„“Натпросечен притисок, потпросечни плати“. Во оваа парола се состои целата суштина на состојбата во која се наоѓаат медиумските работници. Според истражувањата на Синдикатот две третини од новинарите и медиумските работници примаат потпросечни плати, а најголем дел од нив работат во т.н. „големи медиуми“. Дури половина од анкетираните колеги рекле дека размислуваат да ја напуштат професијата. Ние немаме повеќе млади новинари. На универзитетите се запишуваат една шака студенти“, истакна Павле Беловски, претседател на ССНМ.

Домашните медиуми без разлика дали се телевизии радија печатени или портали не вложуваат во истражувачко новинарство, во кадар и обуки во развој на новинарите и новинарството.

Беловски се повика на последниот извештај на организацијата „Репортери без граници“ каде економскиот аспет е оценет како „тешка состојба“.

„Нетранспарентно државно финансирање, економски притисоци врз редакции, странски грантови само за опстанок а не и развој. Последиците ги трпат новинарите и медиумските работници што придонесува кон социоекономската деградација. Социјално економската состојба на новинарите покрај безбедноста е најважниот услов за развивање на она што го викаме слободно новинарство, новинарство на кое не може да се влијае врз уредувачката политика и услов за намалување на самоцензурата која е широко распространета во фелата“, рече Беловски.

Претседателот Стево Пендаровски ја истакна важноста на слободата на медиумите.

„Треба да работиме заеднички во рамките на своите надлежности за унапредување на медиумските слободи. Без тоа нема да имаме ниту професионално новинарство ниту плурализам во медиумите, ниту квалитетно информирани и писмени граѓани кои ќе ги сузбиваат дезинформациите. А без слободни медиуми нема развој на отворени општества и либерална демократија“, изјави Пендаровски.

Тој ги поддржа законските измени кои ги бараат ЗНМ и ССНМ .

„ Загрозување на безбедноста на медиумските работници е загрозување на медиумските слободи. Заплашувањето, физичките напади, уцени, вознемирувањето на интернет и притисоците им онезвоможуваат на медиумските работниците да ја работат слободно својата работа. Ја поддржувам иницијативата за измени во Законот со кои нападите врз медиумските работници ќе се третираат како кривични дела кои ќе се гонат по службена должност со предвидени повисоки казни. Со тоа ќе придонесеме за поголема безбедност и за искоренување на културата на неказнивост која за жал сеуште постои“, рече Пендаровски.

Пандемиските години и војната во Украина покажаа колку е важна работата на медиумите за добивање на навремени проверени и непристрасни информации во време кога се општеството се соочува со океан од дезинформации кои штетат на секоја демократија, е ставот на претседателот.