Владата и СОНК со начелен договор - повисоки плати за 12 отсто

Она што е јасно е дека и утре децата нема да одат во училиштата и градинките бидејќи штрајкот продолжува. Утревечер СОНК ќе соопшти дали го прифаќа новиот предлог на Владата


СКОПЈЕ - Три и пол часа траеше средбата во Владата со преставниците на СОНК на која конечно барем делумно се испеглаа разликите и се стигна до 12 отсто покачување на платите на просветните работници.

Сепак конечниот збор за прекин на Генералниот штрајк, СОНК ќе го каже утревечер откако ќе завршат консултациите со членството. Доколку предлогот на Владата мине кај мнозинството на членови на СОНК учениците и децата се враќаат во среда на настава односно во градинките.

„Тешки и макотрпни преговори со министрите за образование, труд и социјална политика и премиерот. Направивме анализи на нашите барања доставени до министерствата. Сепак се усогласивме со ставовите и во рамките на можностите на државата и во рамките на она што може да се издвои, дојдовме до заедничи процент на зголемување на платите кој би почнал најдоцна од месец јули со завршување на ребалансот на Буџетот. Станува збор за покачување од 12 отсто на сегашните плати со додатоците кои следуваат врз основа на законите и Колективниот договор. Ова е максимумот кој во овој момент можевме да го издејствуваме“, изјави Јаким Неделков, претседател на СОНК.

Неделков изрази жалење што штрајкот трае веќе две недели и им се извини на родителите кои претрпеа загуби со тоа што учениците не одеа на училиште.

Отворени прашања остануваат а тоа се патните трошоци и регресот за годишен одмор кои ќе се регулираат со Колективниот договор.

Дали училишната година ќе продолжи за да се надомести загубениот период дополнително ќе се одлучува.

„ Дополнително ќе разговараме со министерството за образование. Анализите ќе покажат дали има потреба или планот може да се спроведе. И друг пат сме биле во ваква ситуација со соодветни скратени програми да се заврши учебната година“, рече Неделков.

Министрите за образование и за труд и созијална политика, Јетон Шаќири и Јованка Тренчевска, изјавија дека очекуваат од среда уилиштата и градинките да почнат да функционираат нормално.

Колкава е сумата на пакетот покачување на платите од Владата немаат одговор, но дополнуваат дека 12 отсто зголемување на платите нема да предизвика проблем на стабилноста на Буџетот и нема да предизвика дополнителна инфлација.

Ако проблемот со СОНК биде надминат, се јави нов бидејќи администрацијата од утре најавува протести. Од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) најавија протстите ќе се одрѓуваат секој ден од 16 до 17 часот со марш од Собранието до Владата. Барањата се идентични, усогласување на платите со минималната плата.

„Од утре излегуваме на улица секој ден од 16 до 17 часот се до остварување на нашите барања. Овие денови поминаа онака незабележително, се донесе нов Закон за административни службеници во кој што има срамно покачување од 100 до 200 денари. Јавната администрација е донесена до социјална категорија и во овој момент кога имаме огромна инфлација и зголемени животни трошоци, вработените во јавниот сектор не можат да го издржат“ изјави Благоја Ралповски за „Канал 5“.

Сојузот на синдикатите на Макдонија (ССМ) на последната средба во Владата побара линеарно зголемување на платите за 2.806 денари за секој вработен во јавниот сектор, утврдување регрес или К-15 во износ од 30 до 100 проценти од просечната плата и методологија за усогласување на сите останати плати согласно порастот на минималната плата.