Струшките села масовно се празнат

Македонските села се отселуваат

Селата масовно се празнат. Остануваат постарите, додека помладите жители, заминуваат во Западна Европа и САД. Жителите раскажуваат дека некои од поголемите села се и до 60% иселени. За тоа говорат, спуштените ролетни, затворените прозорци и катанците на вратите на многу куќи.

„Од моето семејство, ние сме 24 членови. Од 24 членови во селото сме останати само петорица. Сите сме во странство. Сите сме во Швајцарија, Австрија и Америка. И секој ден бегаат младите. Во село Радолишта од 5000 жители, немаме 2000 жители“, вели Лена Лена, жител на Радолишта.

Стружани сметаат дека бројот на иселени е далеку поголем од официјалните бројки.

„Тоа е нереален број. Најмалку треба да се некои 30.000 жители помалку“, коментира Лена, жител на село Радолишта.

Ако се направи споредба на резултатите од последниот попис и оној во 2002 година, ќе се види дека бројот на жители во Струга се намалил за 12396, односно за речиси 20%. Тоа е како цел еден помал град да се отселил. Денес општината брои 50980 граѓани. Ова може да доведе и до други негативни ефекти.

„Во основното образование имаме 5311 ученици, додека во средните училишта 2092 ученика. Тоа значи дека за некоја година ние ќе треба да работиме со пола од капацитетите со кои располагаат овие училишта, затоа што бројот на ученици во следните години драстично ќе се намалува“, коментира Никола Кукунеш, советник во Советот на општина Струга.

Ако не се преземат конкретни мерки, тогаш бројките на следниот попис ќе бидат уште попоразителни. Причините за ваквата појава не се само екононски, туку политички и социјални.

„Мене повеќе ме загрижува штo последните 4-5 години, каде финансиски ситуирани семејства во целост си заминуваат во западно-европските земји, барајки подобар квалитет на живот, а не подобра финансиска состојба. Сите оние недостатоци кои ги имаме како општество, а кои произлегуваат од досегашното дејстувувње на сите политички партии, допринесоа, ние да се соочуваме со една ваква тенденција, која во наредните десет години не гледам дека би престанала, можеби и би се зголемила“, вели Глигорие Ќатоски, граѓански активист.

„Државата во сите овие години од кога се појави ова како феномен, можностите кои се појавија за иселување, не презеде некоја посериозна стратегија за задржување на младите. Ние порано бевме воспитувани во духот дека каменот си тежи на своето место. Но сега младите заминуваат со благослов на родителите“, додава Еди Кела, младински активист.

Ова може да биде причина и за уште поголем недостаток на работна сила во иднина.

„Ако погледнете од патниот сообраќај и сите инвестиции кои се случуваат, овој дел е најзапоставен од останатите. Во Струга ние немаме ни доволно работна сила да им понудиме добар сервис на граѓаните. Очигледно ќе биде уште подраматично“, заклучува Агим Пошка, универзитетски професор.

Луѓето мора да се ценат според квалитетот, а не според партиската припадност вели Џемаилоски.

„Да не мора да бидат политички определени за да бидат вработени некаде во некоја јавна, државна институција. Изминатите 30 години, ние не направивме институции во кои можат младите луѓе да веруваат и да останат тука“, вели Мевмед Џемалоски, бизнисмен.

Според податоците од пописот, Струга е на трето место во државата веднаш зад Гостивар и Кичево, по бројот на иселување во последните две децении.

Your browser doesn’t support HTML5

Алармантен тренд со иселувањето во Северна Македонија. Што сугерираат експерти?