Судија одобри екстрадиција на Асанж во САД, сега треба да одлучи британската Влада

САД сакаат да му судат на Асанж по 17 обвиненија за шпионажа и едно обвинение за злоупотреба на компјутери поврзана со објавување доверливи документи од страна на Викиликс

Британски судија формално ја одобри екстрадицијата на основачот на Викиликс Џулијан Асанж во САД за да се соочи со обвиненија за шпионажа, објави Асошиетед прес.

Случајот сега ќе оди на одлучување кај британската министерка за внатрешни работи Прити Пател, а Асанж сè уште има правни патишта за жалба.

Адвокатите на Асанж имаат четири недели да достават поднесоци до Пател, која ќе одлучи дали да дозволи екстрадиција.

САД сакаат да му судат на Асанж по 17 обвиненија за шпионажа и едно обвинение за злоупотреба на компјутери поврзана со објавување на доверливи документи од страна на Викиликс.

Тој тврди дека има право на заштита на слободата на говорот, загарантирано со првиот амандман во Уставот.