Девојче што лежи покрај тело од загината жена, лешеви што одеднаш оживуваат, актери со нацртани рани. Тоа се дел од бројните фотографии и видеа што почнаа бргу да струјат низ социјалните мрежи откако почна војната во Украина. Но прашањето е дали тие содржини се вистинити, или, пак се дезинформации.
Your browser doesn’t support HTML5
„Во секоја војна, првата жртва секогаш е вистината. Македонските читатели не се имуни на пропагандите што се шират околу руската инвазија врз Украина“, вели Бранко Героски, раководител на „Плусинфо“.
Македонските читатели не се имуни на пропагандите што се шират околу руската инвазија врз УкраинаБранко Героски, „Плусинфо“
Девојчето покрај загинатата жена беше претставено како жртва од гранатирања во Украина. Труповите, пак, што оживуваат, беа презентирани како наводен доказ дека се лажираат снимките со загинати украински цивили. Но, проверките покажаа дека начините на кои беа презентирани овие содржини ја искривуваат вистината. Фотографијата со девојчето е сцена од филм од 2010 година. Наводните лажни цивилни трупови, пак, се дел од протест против климатски промени.
Oвие содржини стигнаа и кај македонските граѓани.
„Дел од тие портали пред сè, од онлајн просторот, ги користат информациите од тој тип, кои најчесто се декларираат како дезинформативни наративи, манипулативни наративи или наративи кои не секогаш се држат до фактите. Зошто? Затоа што така сакаат да добијат што повеќе посети на нивните страници. И, тоа е онаа несвесна страна на ширењето на дезинформациите“, посочува Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинарите на Македонија.
Сепак, како што укажуваат домашните познавачи на медиумските состојби, многу повеќе загрижува појавата на свесно ширење на дезинформациите.
„Една поширока пропаганда, на којашто се подложни и дел од македонските медиуми. Веројатно самите си знаат, или се поврзани во одредени мрежни испостави на онаа руска пропаганда за којашто велиме дека има ставено капа во повеќе делови од светот, па така е тоа и тука“, додава Чадиковски.
Веројатно самите си знаат, или се поврзани во одредени мрежни испостави на онаа руска пропаганда за којашто велиме дека има ставено капа во повеќе делови од светот.Младен Чадиковски
Снимките од убиени цивили во Буча го згрозија светот. Украинските власти ја обвинија Русија за геноцид, но Москва негираше. Во такви ситуации медиумите преземаат голема тежина на одговорност при презентирањето на информациите.
„Не може да се оди, да се известува и да се пренесуваат информации по системот што некогаш го нарекувавме ‘пет минути за Хитлер, пет минути за Евреите’. Вештината на балансот, уметноста на балансот е да се дојде до кредибилните информации, да се дојде до вистината. До неа сепак ќе се дојде ако се има одговорност и чувство за тоа што навистина е точно“, укажува Героски.
Познавачите велат дека кај македонскиот граѓанин опстојува доза на скептичност кон информациите што доаѓаат и од западните медиуми.
„Сето тоа се комбинира и со едно чувство на разочараност кај македонските граѓани од Западот. Генерално, тоа е поврзано со евро-интеграцискиот процес на Македонија“. Се создава еден комплициран спој на перцепции кај луѓето за она што навистина се пласира во јавноста за агресијата во Украина. И, денеска навистина не е лесно да се биде реципиент на овие информации“, додава Героски.
Како што велат медиумските работници, битката со дезинформациите не се добива преку ноќ. За вистината да го најде патот до граѓаните, неопходни се одговорни информативни редакции. Но, потребно е и високо ниво на медиумска писменост.
„Тоа е еден значаен сегмент во општеството на којшто треба да се работи со децата уште од прво одделение, па натаму. Но, само тоа укажува дека ќе биде потребно време и процеси да поминат за да го намалиме и да го намалуваме влијанието од штетните дезинформации“, укажува Чадиковски од ЗНМ.