Графити со лaтинската буква Z, кои осамнаа на повеќе објекти низ Битола, се всушност знак на поддршка на руската воена агресија на Украина, велат експерти. За професорот Марјан Ѓуровски, станува збор за појава која не треба да се потценува и покажува дека во земјава постојат структури, кои се контролирани однадвор.
„Ова е потврда и дека Република Северна Македонија е изложена на руската модус операнди операција, на влијание на хибридни закани, но не од надвор. Македонската држава е нападната внатре. Институциите се нападнати преку руската разузнавачка служба, за што потврда е и протерувањето на неколку руски дипломати од нашата држава“, вели Ѓуровски.
Ѓуровски додава дека македонските безбедносни служби, како што тоа го направиле во Софија против сите инволвирани а, се вработени во одредени државни институции, треба да поведат постапка и истите да се знаат со име и презиме.
„Претходно и неформално беа протерани уште неколку руски дипломати, кои контролирано или неконтролирано влегуваа во дел од македонските институции и имаа контакт со дел од вработените“, додава Ѓуровски.
Професорот Јован Андоновски уште пред десет години предупредувал дека одлагањето на почетокот на преговорите со ЕУ ја отвора вратата за пошироко влијание на други држави. Свој став има и Малинка Ристевска Јорданова.
„Погодно тло за вакво нешто создаде и нашата долга изолираност без никаква основа од процесот на пристапување, но тоа не може да ни биде апсолутно изговор“, вели Малинка од Институт за европска политика.
„Видливо е дека и во нашето општество се случува пенетрација на се позасилено руско влијание, кое има само за цел да создава конфликти кои ќе траат и во наредниот период и кои не се во интерес на ниту еден граѓанин на Република Северна Македонија“, вели универзитетскиот професор Јован Андоновски.
Андоновски потсетува и на едно предупредувања на САД од 2014-та година.
„САД уште во 2014-та година предупредија дека неколку држави на Балканот меѓу кои и Македонија се наоѓа на линија на огнот помеѓу интересите на САД и на Русија. Таа порака за жал од многу структури во политичките кругови не беше сериозно сфатена и еве денес гледаме дека неколку години подоцна тоа се случува“, додава Андоновски.
Но, дали руската инвазија на Украина, може да го забрза процесот на пристапување на регионот во ЕУ?
„Оваа ситуација прави притисок врз Брисел да излезе со нови предлози и инструменти кои пред се ќе бидат насочени да одговорат на гео политичкиот предизвик. Но, тоа не значи дека ќе го засили апетитот во државите членки за проширување, кој и така е низок“, вели Малинка од Институт за европска политика.
Од неодамна одржаната конференција во Битола „ЕУ по руската инвазија, нов потенцијал за забрзан пристапен процес на Западен Балкан“, беше испратена порака дека е време да се отвори прашањето на проширување на ЕУ, затоа што интеграцијата на Северна Македонија и Албанија е значајно безбедносно прашање.