САД ги ставија на црна листа Груевски и Мијалков и нивните семејства

Портпаролот на Стејт департмент Нед Прајс, меѓудругото, изјави дека „ нивните постапки ги поткопаа владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси“

САД ги ставија на црна листа пранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков заради нивна вмешаност во „значителна корупција“. На црната листа се најде и Гордана Тадиќ од Обвинителството на Босна и Херцеговина.

Портпаролот на Стејт департмент Нед Прајс изјави дека „ нивните постапки ги поткопаа владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси во двете земји и ја намалија вербата на јавноста во нивните влади“.

Покрај Груевски и Мијалков, Стејт департментот ги санкционираше и членовите на нивните потесни семејства, кои добија забрана за влез во САД.

Како резултат на денешната мерка, сите имоти и интереси во сопственост на санкционираните, кои се во или влегуваат во САД, се во сопственост или контрола на лица од САД, мора да бидат блокирани.

„Во неговото службено својство на премиер, Груевски беше вмешан во коруптивни дејствија, меѓу кои користејќи го своето политичко влијание и официјална моќ за лична корист. Поточно, постојат веродостојни информации дека Груевски ја злоупотребил моќта на својата функција за да бара и прима мито во замена за владини договори, незаконски присвоени јавни фондови и мешање во изборни процеси за политичка корист за себе и за неговата партија. Во службеното својство на директор на УБК, Мијалков бил инволвиран во коруптивни дела кои вклучуваа користење на неговото политичко влијание и официјална моќ за лична корист. Поточно, има веродостојни информации дека Мијалков ја злоупотребил службената моќ за да бара поткуп за возврат на владини договори и за мешање во изборните процеси во корист на себе и на својата партија“, рече Прајс.

Целта на санкциите е да ја потврдат посветеноста на САД за поддршка на владеењето на правото и зајакнување на демократските институции.

„Стејт департментот ќе продолжи да ги користи ваквите алатки за да промовира одговорност за корумпираните актери во овој регион и на глобално ниво“, се вели во изјавата на Прајс.