Здружение на Украинци во Северна Македонија: Дезинформации и навредливи коментари, кои јавно ги негираат злосторствата против Украина

Уништени згради во Украина, објавени по социјалните медиуми

Воведување на мерки за сузбивање на бранот лажни информации и говор на омраза во врска со воената агресија на Русија врз Украина, бараат од здружението на Украинци во Северна Македонија, „Лесја Украинка“.

Од таму велат дека медиумите во Македонија во изминатиот период континуирано и воглавно вистинито информирале за руската агресија врз Украина.

Но морам да нагласам дека во информацискиот простор нагло се зголеми број на дезинформациски напади и ширење на навредливи и провокативни коментари под Интернет публикациите на медиумите поврзани со руската агресија врз Украина.
Урбанович

„Но морам да нагласам дека во информацискиот простор нагло се зголеми број на дезинформациски напади и ширење на навредливи и провокативни коментари под Интернет публикациите на медиумите поврзани со руската агресија врз Украина. Со тие коментари јавно се негираат, одобруваат или оправдуваат злосторства против Украина“, вели Александр Урбанович, претседател на Здружението.

Од Здружението додаваат дека било општо познато оти во Република Северна Македонија, многу години функционирала платена проруска пропаганда, чија што дејност резултирала со неконтролирано зголемување на бројот на бото-фарми и голем број на лажни веб страници и фејсбук профили.

„Нивното функционирање целосно ја искривува сликата за неутрални читатели и гледачи, разгорува проруско расположение во земјава, создава впечаток за постоење на бројно население кое поддржува насилство од страна на Русија, и покрај друго е насочено на дестабилизација на Република Северна Македонија и уривање на угледот на државните институции и медиумите“, вели Урбанович.

Ги повикуваат македонските медиуми во најкраток рок да ја укинат можноста за пишување коментари под онлајн публикациите на интернет-страниците и на социјалните мрежи, а кои биле со чувствителна содржина во однос на воените дејствија во Украина.

„Сметаме дека во услови на оваа хибридна војна, медиумите треба да настапат свесно и да овозможат на своите гледачи и читатели да создадат неискривена слика за војна во Украина и да не помагаат бото-платеници да ја шираат бото-пропагандата. Во многу европски земји постои пракса на исклучување на коментари под публикациите како политика на превентива за создавање на погрешно јавно мислење. Што во никој случај не може да се смета за ограничување на слобода на говорот, бидејќи граѓаните слободно можат да ги споделуваат своите размислувања на социјални мрежи. Овде станува збор само за ограничување на просторот за манипулации“, додава Урбанович.

Meдиумите иако немаат законска обврска би требало да се трудат во коментарите под нивните текстови објавени на социјалните мрежи да нема говор на омраза и навредувачки содржини и да ги уредат согласно етичките стандари, велат за Глас на Америка, од Синдикатот на новинари и медиумски работници.

Како Синдикат насочен кон заштита на правата на новинарите и медиумските работници, мораме да потсетиме дека постои Кодекс на етичко однесување и известување, кое сега повеќе од било кога, мора да се спроведува и почитува.
ССНМ

„Како Синдикат насочен кон заштита на правата на новинарите и медиумските работници, мораме да потсетиме дека постои Кодекс на етичко однесување и известување, кое сега повеќе од било кога, мора да се спроведува и почитува. Медиумите во овие решавачки и клучни моменти мораат да останат со „ладни глави“ и во никој случај да не ја „подгреваат“ и онака жешката атмосфера. Со објективно, независно новинарство, веруваме дека ќе се намалува и поларизацијата на општеството и ќе има сериозна борба против различните центри на моќ и влијание кои дејствуваат преку хибрини начини да го дестабилизираат нашето општество“, велат од ССНМ.

Во однос до коментарите што се објавуваат на официјалните профили на медиумите на социјалните мрежи, СЕММ, како впрочем и сите Совети за етика од Европа, има јасен став дека медиумот треба да внимава на говорот на омраза и повиците за насилство што можат да се појават, велат за Глас на Америка, од Советот за етика во медиумите.

Ова е универзална препорака до медиумите што се наши членки и се однесува не само на конкретната ситуација и војната во Украина, туку и на сите други вести и на целокупната присутност на медиумите на социјалните мрежи.
СЕММ

„Ова е универзална препорака до медиумите што се наши членки и се однесува не само на конкретната ситуација и војната во Украина, туку и на сите други вести и на целокупната присутност на медиумите на социјалните мрежи. Коментари со експлицитен говор на омраза, поттикнување и/или охрабрување на насилство и повици за пресметки со граѓански групи заедно со дискриминација, од верска, етничка, сексуална или каква и да е природа, треба да се отстранат и тоа не е цензура, туку е грижа не само за јавниот наратив во земјата, туку и за човековите права, чие почитување е во основата на доброто новинарство и нa професионалните новинарски стандарди“, велат од СЕММ.

Од здружението на Украинци, ова свое барање во писмена форма го доставиле до Делегацијата на ЕУ во Скопје, Амбасадата на САД и Амбасадата на Велика Британија.

„Покрај најавеното кривично гонење на тие кои со своите јавно изнесени ставови ја поттикнуваат и оправдуваат руската агресија врз украинскиот народ, земајќи ја предвид голема руска пропагандна машинерија, и веројатно непостоење развиени механизми за спречувањето, бараме начин да се справиме со говорот на омразата“, велат од Здружението на Украинци.