Кој и зошто ги минира преговорите со Бугарија?

Идентитетот, бројката и институциите во кои работата административците кои работеле против решение на билатералниот спор со Бугарија остануваат непозати. Контекстот на делување ист како и со бугарските службеници осомничени за шпионажа во корист на Русија. Премиерот Ковачевски соопшти дека бил брифиран заедно со министерот Османи но без детали бидејкќи станува збор за класифицирани информации. И претседателот Пендаровски е запознаен со случајот. Обвинителството сеуште го чека Османи да ги достави информациите и евентуалните докази за да отвори предистражна постапка




СКОПЈЕ – Кои се државните службеници чиј приоритет било да не се постигне договор со Бугарија, да не се подигне ветото и да не продолжат интегративните процеси на Северна Македонија, колку време дејствувале, колкумина се, во кои институции и на кои позиции и дали имаат пристап до доверливи информации се прашањата кои остануваат отворени откако вчера шефот на дипломатијата, Бујар Османи, брифираше дека во двете држави постои мрежа која работи контра нормализирање на односите и стабилзирање на регионот.

Премиерот Димитар Ковачевски потврди дека ја добил информацијата заедно со министерот Османи. Проследена е до македонските безбедносни служби и превземени се конкретни мерки и чекори но премиерот Ковачевски нагласи дека станува збор за класифицирани информации и нема да ги соопшти во јавноста.

„Да, јас и министерот Османи имавме информација првиот ден откако тоа се случи. Нормално тоа беше предадено на службите за безбедност кои се занимаваат со таа проблематика, детали не можам да ви откривам бидејќи станува збор за класифицирани информации. Тие инфромации ги имаат и во соседна Бугарија“, рече премиерот Ковачевски.

Од Кабинетот на претседателот Пендаровски соопштија дека министерот Османи го брифирал Претседателот за овој случај но не прецизираа дали за тоа се дискутирало на Советот за безбедности и дали и какви насоки дал претседателот.

„Во однос на конкретниот случај, кој јавно го наведе министерот за надворешни работи, за лица кои работеле против добрите односи помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, претседателот е директно информиран од страна на министерот за оваа тема, со оглед на неговите ингеренции во надворешната политика и редовните консултации со претставниците на Владата“, одговорија од претседателскиот Кабинет за Гласот на Америка.

Претседателот Пендаровски и премиерот Коцвачевски се на иста линија кога станува збор за изјавата на премиерот на Бугарија, Кирил Петков, дека интерес на Русија е да нема договор меѓу Македонија и Бугарија и деблокирање на процесот за интеграции и сметаат дека е веродостојна.

Во Обвинителството сеуште го чекаат министерот Османи да ги достави информациите и евентуалните докази за службениците кои работеле во корист на руската агенда.

„ Обвинителството до сега не е информирано за случајот за кој покажувате интерес. Институциите кои утврдиле постоење на елементи на кривично дело, соодветните докази треба да ги достават до обвинителството кое согласно своите надлежности понатаму ќе ги гони сторителите на кривичното дело“, одговорија од Обвинителството за Гласот на Америка.

Министерот Османи вчера кажа дека официјална Софија му соопштија дека вработени во македонски државни институциии агитирале да не се постигне било какво решение и да не се потпише никаков договор со кој би се придвижиле процесите и дека овие струи во двете држави ќе станат уште поактивни како што ќе се наближува решението во преговорите.

Тој потврди дека нема докази дека службениците работеле заедно со протераните руски дипломати а за нив потврди дека имале ист контекст на делување како и службениците во бугарската Државната агенција за национална безбедност (ДАНС) кои се осомничени за шпионажа во корист на Русија.