Бајден: Заживува економијата во САД, отворени 431.000 нови работни места во март

Асошиетед прес - Американскиот претседател Џо Бајден денес рече дека економијата на нацијата е во полна сила и го пофали новиот извештај кој покажува дека стапката на невработеност падна на 3,6%.

Говорејќи пред новинарите во Белата куќа, Бајден рече дека американската економија „е во движење“, истакнувајќи дека стапката на невработеност била 6,4 отсто кога тој ја презеде функцијата пред околу 15 месеци.

Работодавците во Америка ја продолжија низата робусни вработувања во март, додавајќи 431.000 работни места во знак на отпорноста на економијата пред сè уште деструктивната пандемија и највисоката инфлација во последните 40 години.

Извештајот на Одделот за труд во петокот покажа дека минатомесечниот раст на работните места помогна да се намали стапката на невработеност на 3,6 отсто, што е најниско ниво од избувнувањето на пандемијата пред две години.

И, покрај порастот на инфлацијата, постојаните тесни грла во снабдувањето, штетните ефекти на ковид-19 и сега војната во Европа, работодавците додадоа најмалку 400.000 работни места за 11 последователни месеци.

Инфлацијата можеби почнува да ја ослабува потрошувачката, главниот двигател на економијата. Американците ги зголемија своите трошоци за само 0,2 отсто во февруари, што е намалување од јануари.

Сепак, пазарот на труд продолжи да се враќа со неочекувана брзина од рецесијата на коронавирусот. Отворените работни места се на речиси рекордно ниво, а барањата за бенефиции за невработеност паднаа на најниската точка од 1969-тата година.

Бајден е заслужен за голем дел од добрите економски вести на „Американскиот план за спас“, донесен од Конгресот минатата година, бидејќи помогна да се стави пандемијата под контрола, да се отворат училиштата и да се вратат луѓето на работа.