Пендаровски за руските дипломати: Не можам да влегувам во детали бидејќи тоа се разузнавачки информации

Your browser doesn’t support HTML5

Петтемина вработени во руската амбасада во Скопје, кои пред неколку дена Северна Македонија ги прогласи за персона нон грата, со своето постапување целосно излегле од мандатот што го имале како дипломати. Шефот на државата, Пендаровски, го даде тоа објаснување за потегот што го презедоа македонските власти без да навлегува во детали за каков дипломатски престап всушност станува збор. Претседателот, во изјавата, спомена дека во игра се разузнавачки информации.

„За тие петмина руски дипломати со формален статус на дипломати рековме дека излегле од статусот со кој се имаат пријавено кога дошле по прв пат кај нас, значи не биле дипломати, не можам да влегувам во детали бидејќи тоа се разузнавачки информации што точно работеле надвор од она што го пропишува Виенската конвенција“, рече претседателот Стево Пендаровски.

Во истата недела кога официјално Скопје ја обелодени намерата за протерување руски дипломати кои ја прекршиле Виенската конвенција, и државниот врв во Софија излезе со проценки дека Москва има сериозна инсталација во Бугарија која, меѓу другото, се фокусирала и на односите меѓу двете земји. „Има руски агенти што работеле конкретно против разбирањето меѓу Бугарија и Република Северна Македонија“, предупреди бугарскиот премиер Кирил Петков.

„Изјавата на Петков не можам воопшто да ја коментирам затоа што се базира на сознанија и информации од бугарските институции и бугарските служби, меѓутоа бидејќи се работи за актуелен бугарски премиер, треба да му се верува“, вели Пендаровски.

По одлуката за протерување руски дипломати, Москва најави дека ќе преземе „соодветни и возвратни мерки“ и дека потегот на властите во Скопје го смета за „нагласено непријателски чин“. Она што може да се очекува, врз основа на претходното искуство од минатата година, е Русија да протера македонски дипломатски персонал од амбасада во Москва.