Во виртуелното обраќање пред американскиот Конгрес во средата, украинскиот претседател Зеленскиј побара поголема поддршка за борба против руската инвазија и предложи нов сојуз на земји кои ќе застанат заедно против таквата агресија во иднина.
„Токму сега се решава судбината на нашата земја - дали нашиот народ ќе биде слободен“, рече Зеленски, говорејќи пред пратениците на украински јазик.
Тој рече дека Украинците и Американците имаат многу заедничко, особено желбата да живеат во слобода.
Зеленскиј, исто така, повлече паралела меѓу јапонскиот напад во 1941 година на американската поморска база во Перл Харбор, Хаваи, и терористичките напади на 11-ти септември 2001-ва година во САД, велејќи дека Украина секој ден доживува ист вид на напади. Тој повторно побара зона на забранети летови над Украина, но додаде дека ако тоа не е можно, САД ќе обезбедат повеќе оружје за да се спротивстават на руските напади.
Зеленски рече дека тој и Украина се благодарни за сè што направиле САД и побара од САД да направат повеќе, вклучително и повеќе санкции против Русија.
„Сите американски компании мора да го напуштат рускиот пазар, бидејќи тој е преплавен со нашата крв“, рече Зеленски.
Тој, исто така, повика на ново здружување на земји кои ќе се спротивстават на агресијата како руската инвазија преку економски санкции и воена поддршка.
Говорот на Зеленски преку видео до пратениците, следи по слични обраќања до британскиот Дом, канадскиот парламент и Европскиот парламент во последните неколку недели, додека тој се залага за поголема воена и хуманитарна поддршка од меѓународната заедница.
Во меѓувреме, Русија продолжи со нападите врз главниот град на Украина Киев во средата, додека министрите на НАТО се собраа да разговараат за руската инвазија.