Кина упати повик во кој ги повикува „сите страни“ да ја осигураат безбедноста на нуклеарните постројки во Украина, како одраз на нелагодноста на нацијата поради руското гранатирање на нуклеарната централа Запорожје, најголемата во Европа.
„Ќе ја следиме ситуацијата и ќе ги повикаме сите страни на воздржаност, избегнување на ескалација и обезбедување на безбедноста на релевантните нуклеарни постројки“, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи по нападот во текот на ноќта, кој предизвика пожар во украинскиот комплекс.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Ванг Венбин, одби да го осуди рускиот напад или да го нарече инвазија. Тоа е во согласност со неутралниот став што Кина го усвои по ова прашање на неодамнешните состаноци во Обединетите нации.
Кина не сака да се гледа како земја која одобрува каков било воен чин што би ја загрозил безбедноста на нуклеарната централа, рече кинески научник кој сакаше да остане анонимен.
Кина во јануари потпиша договор со Аргентина за изградба на нуклеарната централа Атуча III по цена од осум милијарди долари. Тоа ќе биде втор голем извоз на технологијата Hualong One, ривал на американската технологија Вестингхаус, откако Пекинг изгради нуклеарна централа во Пакистан во рамките на иницијативата „Појаси и патишта“.
Кина беше меѓу првите што побара од Меѓународната агенција за атомска енергија да преземе итни чекори за да се осигура безбедноста на нуклеарните постројки во Украина поради руската инвазија. Украина има 15 нуклеарни реактори на четири локации.