Северна Македонија се подготвува за можен бегалски бран од Украина

Северна Македонија се подготвува за можен бегалски бран од Украина како резултат на руската агресија. Влошувањето на ситуацијата и големиот број луѓе кои заминуваат од Украина ја натера владата да ги задолжи надлежните институции да направат проценка за капацитетите на државата за сместување на бегалци. Истовремено, продолжуваат напорите за извлекување на македонските државјани од оваа земја.

„Владата ја усвои информацијата на МНР за состојбата со нашите граѓани во Украина и за потребата за преземање мерки за прифаќање на украински државјани. Нај ресорните институции на Северна Македонија се задолжуваат во најскоро време, да достават информации за расположливите државни сместувачки капацитети со цел подготвеност за евентуална бегалска криза. На украинските државјани затекнати во Северна Македонија ќе им се овозможи престој во земјава, додека на оние што треба да дојдат ќе им се овозможи олеснет влез во Северна Македонија“, изјави портпаролот на македонската влада Душко Арсовски.

„Денеска уште едно семејство од Запорожје со воз излегува од Украина. Двајца поединци, исто така, наши граѓани, од Киев со автомобил се приклучени на безбедносен конвој, а преостанатите 15 набљудувачи од мониторинг мисијата на ОБСЕ денеска исто така ја напуштија Украина“, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи.