Русија соопшти дека некои војници ќе се повлечат од границата

Русија денес соопшти дека дел од нејзините сили распоредени во близина на Украина ќе се вратат во своите бази по завршувањето на воените вежби.

Во изјавата, портпаролот на Министерството за одбрана, Игор Конашенков, рече дека големите вежби низ земјата ќе продолжат, но дека некои единици од јужниот и западниот воен округ ги завршија своите вежби и почнаа да се враќаат во базата. Движењето на војниците не можеше веднаш да се потврди.

Соопштението доаѓа во време на голем број дипломатски напори да се спречи руска инвазија на Украина. Германскиот канцелар Олаф Шолц денес отпатува за Москва за да разговара за руско-украинската криза со рускиот претседател Владимир Путин, откако Германија повика на мирно решавање преку дијалог и предупреди дека ситуацијата може да „ескалира во секој момент“.

Германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок, во изјава рече дека на Русија останува да ги повлече своите војници од областите долж границата со Украина.

Прес-секретарот на Пентагон, Џон Кирби, во понеделникот им рече на новинарите: „Дури и во последните 24 до 48 часа... Господинот Путин дополнително трупа воена опрема долж таа граница со Украина како и во Белорусија. Тој продолжува да ги прави работите што би се очекувале доколку планирате голема воена акција“.

Русија негираше дека планира да ја нападне Украина, додека бараше безбедносни гаранции од Западот како гаранција дека НАТО нема да ја прими Украина како нејзина идна членка.

САД, НАТО и Украина го отфрлија тоа барање, велејќи дека земјите се слободни да склучуваат свои безбедносни договори.

Пентагон во понеделникот соопшти дека секретарот за одбрана Лојд Остин и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг телефонски разговарале за „важноста од одржување на силно одвраќање и одбрана и нагласиле дека дејствијата на Русија на крајот ќе го постигнат спротивното од планираниот ефект – посилна и пообединета НАТО Алијанса“.

Остин треба да присуствува на состанокот на министрите за одбрана на НАТО оваа недела во Брисел и да ги посети украинските соседи Полска и Литванија.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен доцна во понеделникот објави гаранција за државен заем до една милијарда долари за Украина за „да ја зајакне способноста на Украина да обезбеди економска стабилност, раст и просперитет за својот народ во услови на дестабилизирачко однесување на Русија.

Официјален претставник на НАТО, во електронкса пошта до Гласот на Америка, го окарактеризира тензичниот судир како „опасен момент за европската безбедност. Голем конфликт во Украина може да доведе до голем број раселени луѓе кои ќе бегаат од евентуална војна. Сè уште има време да се избегне такво непотребно страдање. Мора да се направи се за да се избегне вакво влијание врз цивилите“.

Зеленски во видео-обраќање до нацијата во понеделникот рече дека слушнал дека руската воена акција може да започне во среда и рече дека тој ден го прогласува за ден на национално единство. Тој не кажа како ја добил информацијата.

Белата куќа соопшти дека претседателот Џо Бајден разговарал во понеделникот со британскиот премиер Борис Џонсон за нивните напори да ја подобрат „одбранбената положба“ на НАТО на источното крило на Алијансата најблиску до Русија.

Во понеделникот во Москва, Лавров му рече на рускиот лидер дека иако САД и НАТО одбија да ја запрат испораката на оружје за Украина или да ги врати назад своите сили во Источна Европа, тие понудија да преговараат за распоредување на проектили во Европа како и воени вежби во земјите на НАТО најблиску до Русија.

Запрашан од Путин дали има смисла да продолжи дипломатски ангажман со западните лидери, Лавров одговори дека разговорите „се далеку од исцрпени“ и тој предложи да продолжат.

Лавров рече дека дискусиите „не можат да траат бесконечно, но јас би предложил да продолжат“.

Новинар на руската служба на Гласот на Америка вели дека пропагандата од Русија се зголемува во источниот украински регион Донбас, каде што проруските сепаратисти окупираат територии. Изворите велат дека во регионот е релативно мирно, без украински воени жртви таму повеќе од еден месец. Сепак, тие велат дека локалното население е сè понервозно поради порастот на локалната пропаганда што ја повторуваат медиумите во Русија, зголемувајќи ја можноста за инвазија.

Русија ја опколи Украина од три страни со арсенал на вооружување и 130.000 војници, од нејзиниот сојузник Белорусија на север, од руската територија на исток и на југ со распоредување на воени бродови кои патролираат по Црното Море.

САД вели дека нивните разузнавачи сугерираат дека Русија може да ја нападне Украина во секој момент и ги повика Американците кои живеат таму веднаш да ја напуштат земјата. Некои комерцијални авиокомпании престанаа да летаат за Украина поради стравот од неизбежна војна.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.