По речиси еден час целосен мрак и период со чести прекини, снабдувањето со струја на Скопје но и на Штип и Свети Николе се нормализираше. МЕПСО ја приклучи на мрежата 400 киловатната трафостаница „Скопје 4“ во населбата Пинтија преку кој речиси цело Скопје се снабдува со струја. Причина за испадот на мрежата беше пожар точно под далноводот кон 110 киловатната трафостаница Бунарџик каде пак се случи екплозија.
СКОПЈЕ - Според официјалните информации од МЕПСО до прекинот со снабдување со електрична енергија дојде испад на далноводот од трафостаницата „Скопје 4“ во населбата Пинтија која го снабдува со струја поголемиот дел од градот но и трафостаницата Бунарџик преку која се снабдуваат градовите во овчеполскиот регион. Оттаму додаваат дека диспечерите го вратиле напоното во поголемиот дел од мрежата и дека се работи на отклонување на изолирани дефекти поради што можни се краткотрајни прекини во снабдувањето.
„ Испад на далекуводот од ТС Скопје 4 кон ТС Бунарџик и пожар во близина на трансформаторската станица, беше причина за прекин на снабдувањето со електрична енергија во поголем дел од Скопје, делови од Велес и Овче Поле. Овие два фактори го условија испаѓањето од погон на двата 400/110 кВ трансформатори, а со тоа и испадот на целата трафостаница Скопје 4 во населбата Пинтија. Во оваа прилика АД МЕПСО ги информира граѓаните дека и во текот на вечерва се можни краткотрајни прекини во снабдувањето со електрична енергија но единствено во насока на создавање услови нашите стручни екипи да ги отстранат преостанатите дефекти“, соопштија од МЕПСО.
Меѓутоа сега е клучно да се одговори дали човечки фактор или искрење од далноводите е причина за пожарот. Пожарот бил пријавен во противпожарната бригада околу 17.45 часот, интервернираа со пет возила и за кусо време беше изгасен, но за да може да интервенираат безбедно побараа од МЕПСО да ја исклучи од погон „Скопје 4“.
Командирот на скопските пожарникари не ја исклучува можноста да е предизвикан од искра од далноводот која ја запалила сувата трева под него.
„ На самото место видовме дека не станува збор за пожар во трафостаницата туку надвор од него. Поради искра на далноводот во непосредна близина беше опожарена површина од сува трева. Веднаш е побарано да биде исклучено напојувањето од далноводите и е пристапено кон гасење. За кратко време пожарот беше локализиран. Останатиот дел од интервенцијата беше превентивен заради повторното пуштање на далноводот. Не знам дали е тоа од далноводот, затоа што имавме дојава за експлозија на далновод во индустрискта зона Бунарџик што можеби е поврзано едно со друго. Експлозијата во Бунарџик беше пријавена неколку минути подоцна“, изјави Звонко Томевски, командир на скопската противпожарна бригада
Од ЕСМ соопштија дека поради испадот на мрежата, во периодот кога Скопје беше без струја немаше ниту парно греење бидејќи пумпите во топланите и во зградите се изгасија и снабдувањето ќе се нормализира до крајот на вечерта.