Ковачевски: Сите се едногласни дека Северна Македонија треба да почне преговори со ЕУ веднаш

Your browser doesn’t support HTML5

Македонскиот премиер разговарал со врвот на Европската Унија во Брисел

Односите со Софија и обидите за кревање на бугарското вето – ова биле главните точки за кои новиот македонски премиер разговарал со врвот на Европската Унија во Брисел. Добиената порака која, како што самиот Ковачевски изјави, била едногласна, е Северна Македонија веднаш да ги почне преговорите за членство.

„Овде во Брисел ги известив нашите партнери од Европската Унија за напредокот што го направивме заедно со Република Бугарија во продлабочувањето на добрососедската соработка. Јасна е и поздравена заложбата на двете земји за изнаоѓање решенија и интензивирање на дијалогот. Низ разговори со нашите пријатели Шарл Мишел во Европскиот совет и Роберта Мецола во Европскиот Парламент, потврдена е отворената поддршка за одржувањето на првата меѓувладина конференција. Тука сите се едногласни дека Северна Македонија треба да почне преговори за членство во ЕУ веднаш“, рече премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски.

Додека во Брисел за разговараше за македонско-бугарските односи, видно подобрени откако двете земји добија нови влади, во Скопје се чевствуваше 150 години од раѓањето на Гоце Делчев чиј лик и дело е еден од главните проблеми. Пред гробот на македонскиот револуционер се поклони државно-владиниот врв, лидерите на политичките партии, но и шефицата на бугарската дипломатија, Теодора Генчовска.

Според шефот на државата вакви чинови не пречат, иако токму за Гоце Делчев се води интензивна и жолчна дебата во заедничата историска комисија.

„Не знам дали во формална смисла постои одлука за заедничко чествување бидејќи тоа би требало да биде една од надлежностите на Историската комисија. Меѓутоа, не гледам проблем и да не е така. Ние и пред да постои, тоа ви е вам добро познато, Историската комисија, сме имале заеднички чествувања на одредени настани, на одредени ликови. И без да има одлука на Историската комисија сме правеле и во Република Бугарија и во Северна Македонија заедничко чествување на различни паметници. Така што не гледам проблем. Не гледам проблем во тоа да некој од нашите соседи искажува пиетет кон еден од камен-темелниците на нашата државност. Не, не гледам проблем во тоа.“

Ниту опозицијата не е против присуството на висока бугарска делегација ако, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, таа доаѓа на денот кога се слави „150 годишнината од раѓањето на големиот македонски син Делчев“, рече претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Но, позицијата на Христијан Мицкоски е поинаква кога станува збор за разговорите меѓу двете земји за т.н 4+1 прашање.

„Тоа е парада – 4+1 прашање. Друга е суштионата. Суштината е да се обидат и да ја злоупотребат положбата на земја членка на ЕУ и да не натераат да прифатиме дека од средниот век до 1945 година сме имале заедничка историја и сме биле еден народ – Бугари. Тоа нема никогаш да го прифатиме“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ најави дека до Собрание ќе достави декларација по повод 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев која, како што објаснуваат, ќе биде точка на обединување на сите политички партии околу неспорноста на овој македонски деец и неговата борба за независност.