Пендаровски: Безбедносната состојба е стабилна и направени се сите подготовки за можните сценарија во Украина

Stevo Pendarovski, VOA Macedonian Interview UNGA 3

Безбедносната состојба во земјата е стабилна и направени се сите подготовки за можните сценарија во Украина – соопшти шефот на државата по денешната седница на Советот за безбедност на која во голем дел се разгледувала ситуацијата настаната со тензиите на руско-украинската граница и можниот воен конфликт во тој дел на Европа.

„Имајќи предвид дека станува збор за две држави кои граничат со евроатлантската зона, Северна Македонија ги направи сите неопходни подготовки за можните сценарија за тоа како ќе се развиваат работите во идниот период. Во таа смисла ги поддржуваме напорите, на различни нивоа, со кои им се дава шанса на преговорите, а не оружјето. Во таа смисла, таму има мали, симболични знаци на деескалација на реториката, ама се уште е рано да се прогонозира зашто тој дел од светот се уште останува потенцијално високоризична зона“, рече претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски.

Шефот на државата и врховен командант образложи што ќе се преземе во ситуација ако тензиите меѓу Москва и Киев преминат во отворен конфликт.

„НАТО нема да донесе одлука за борбено учество во Украина. Зошто? Зашто Украина не е членка на НАТО. Не верувајте на пропагандите дека НАТО ќе се ангажира во Украина ако Русија нападне, но трупи на НАТО, вклучително и наши трупи, нема да видите во борбено дејство на украинска територија во случај таму тензиите да отидат до ниво на отворен конфилкт. Тоа е нашиот став. Секоја сериозна организација, како НАТО, во случај на кризи на своите граници разработува сценарија и се прашува - што вие би правеле во ваков конфликт како членка на НАТО вие што би правеле?“, додаде тој.

Пендаровски не демантираше дека Северна Македонија е цел на дезинформации, но избегна да ги прецизира изворите на тие активности кои, во новинарското прашање до претседателот, беа квалификувани како „руски“.

„Во тој дел, ако коментирам јавно, би требало да навлезам во класифицирана информација. Се разбира дека извори на дезинформации кои доаѓаат не само од изворот кој што вие го споменавте, многу други места – земји, лица, поединци, кои ние сега многу поуспешно ги детектираме со нашите НАТО сојузници, нешто во таа мерка се презема, но не можам да конкретизирам зашто постојат активности кои не се во склад со нашите државни интереси и сакаат да ги поткопаат. Постојат здружени напори на нашите институции да го неутрализираат тој пробив и сметам дека сме прилично успешни во тоа. Значи, постои таква пропаганда која вели не ви треба НАТО, ЕУ. Од 2018 година, од референдумот за името, тие притисоци и таа пропагнада се засилени, но и ние сме засилени со капацитетите во таа сфера зашто многу ни помага членството во НАТО“, рече Пендаровски.

Северна Македонија и пренесе на Руската Федерација дека го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, во меѓународно признатите граници. На вчерашната средба меѓу шефот на дипломатијата и рускиот амбасадор во земјава, Османи повикал на деескалација на ситуацијата и изнаоѓање решение преку „дијалог и дипломатски начин на комуникација“.