Советот за безбедност на ОН ќе расправа за руско-украинската криза

Советот за безбедност на Обединетите нации денес треба да расправа за кризата долж руско-украинската граница за решавање на руското распоредување на повеќе од 100.000 војници во регионот и „другите дестабилизирачки акти насочени кон Украина“.

Американската амбасадорка во Обединетите нации, Линда Томас-Гринфилд, во емисијата „Оваа недела“ на ABC во неделата рече дека Советот ќе ја притисне Русија да го оправда ваквото распоредување на војници.

„Нашите гласови се обединети во повикувањето Русите да се објаснат“, рече таа.

Русија го отфрли ваквиот американскиот потег.

Русија е една од петте постојани членки на ОН. Советот за безбедност може да го искористи своето право на вето за да блокира каква било казнена акција на Советот против Русија.

Состанокот во понеделник е последната рунда разговори за конфликтот во услови на напори за изнаоѓање дипломатско решение. САД се заканија дека ќе воведат строги економски санкции доколку Русија ја нападне Украина и ги отфрлија руските барања Организацијата на Северноатлантскиот договор да ги повлече трупите од источна Европа и да ја спречи Украина да се приклучи на алијансата.

Русија, која го анектираше украинскиот полуостров Крим во 2014-та година, вели дека не планира повторно да ја нападне Украина. Но, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров во неделата рече дека Русија ќе побара од НАТО и од Организацијата за безбедност и соработка во Европа да разјаснат дали имаат намера да ги спроведат клучните безбедносни обврски.

„Испраќаме официјално барање до нашите колеги во (НАТО) и ОБСЕ, барајќи од нив да објаснат како имаат намера да ја спроведат (нивната) заложба да не ја зајакнуваат својата безбедност на сметка на безбедноста на другите“, рече Лавров.

НАТО го засили своето воено присуство во земјите-членки кои граничат со Русија, но генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во неделата изјави дека НАТО нема намера да испраќа војници во Украина доколку Русија ја нападне поранешната советска република.

„Немаме планови да распоредиме борбени трупи на НАТО во Украина... ние се фокусираме на давање поддршка“, изјави Столтенберг за Би-Би-Си. „Постои разлика помеѓу тоа да се биде член на НАТО и да се биде силен и високо ценет партнер како Украина.

Во САД, портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, за емисијата „Фокс њуз Сандеј“ изјави дека руската инвазија „може да се случи, навистина, во секое време“.

Кирби го отфрли воведувањето санкции пред можна руска инвазија или именување кои руски финансиски институции ќе ги таргетира Западот.

Неколку земји, вклучително и САД, испорачаа оружје на владата во Киев за да помогне во нејзината одбрана.

Британскиот премиер Борис Џонсон треба да го посети регионот оваа недела и планира телефонски да разговара со Путин.

Џонсон размислува да ги удвои британските војници во балтичките земји и да испрати одбранбено оружје во Естонија, соопшти неговиот кабинет.

Некои информации за овој извештај се од Ројтерс.