Претседателот Пендаровски се сретна со претставници на ОМО „Илинден“ и здруженија на Македонци од Бугарија

СКОПЈЕ – Денеска во вилата „Водно“ се одржа долгоочекувата и најавува средба меѓу претседателот Стево Пендаровски и претставниците на ОМО „Илинден“ и неколку здрженија на граѓани од Бугарија кои се декларираат како Македонци.

По средбата немаше официјални изјави од преставниците на македонските здруженија а со соопштение се огласија од Кабинетот на претседателот.

На средбата, претставниците на здруженијата го информирале претседателот Пендаровски за нивната работа и активности во областа на човековите права, промовирање на толеранција и градење на граѓанско општество.

Пендаровски пак им соопштил дека почнува нова фаза на односи меѓу Македонија и Бугарија и дека ќе има средба со неговито бугарски колега, Румен Радев, без да прецизира дали една од темите за разговор на средбата ќе биде македонското малцинство

„Во однос на дијалогот со Бугарија, претседателот Пендаровски оцени дека почнува нова фаза, а двете страни искажуваат волја во насока на напредок на процесот. Претседателот Пендаровски смета дека е значајно секоја политичка институција во двете држави да даде свој придонес за решавање на отворените прашања. На средбата претседателот Пендаровски информираше дека наскоро ќе оствари официјална посета на Република Бугарија, каде ќе има разговори со претседателот Румен Радев“, стои во официјалното соопштение од Кабинетот.

Оттаму додаваат дека Пендаровски истакнал дека Република Северна Македонија е насочена кон развивање на добрососедски и пријателски односи со Република Бугарија, во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави од 2017 година.

Од Кабинетот нема информација дали на средбата станало збор за пресудите на Советот на Европа за дискриминација на македонското малцинство во Бугарија и одбивањето на бугарските власти да ги регистрираат граѓанските здруженија.

Ставот на бугарскиот премиер Кирил Петков е дека во Бугарија не постои македонско малцинство и нема потреба да се разговара околу тоа. Овој став тој кажа пред минатонеделната официјална посета на Скопје но и денеска пред пратениците во бугарското Народно Собрание каде одговараше на пратенички прашања за договореното на средбите со македонскиот премиер Димитар Ковачевски кој од друга страна ја остави вратата отворена за евентуално додавање на бугарско малцинство во Уставот.