Судијата на Врховниот суд Стивен Брајер ќе се пензионира, јавуваат медиуми во САД

Претседателот Џо Бајден ќе има прва шанса да го пополни испразнетото место, откако претходниот претседател Доналд Трамп номинираше три конзервативци

Американските медиуми известуваат дека судијата на Врховниот суд Стивен Брајер, кој 27 години беше либерален глас во највисокиот суд во државата, одлучил да се пензионира, давајќи му на тој начин прва шанса на претседателот Џо Бајден да го пополни испразнетото место, откако претходниот претседател Доналд Трамп номинираше три конзервативци.

83-годишниот Брајер, според медиумските извештаи во Вашингтон, планира да остане на функцијата до крајот на јуни, или додека не се именува замена од страна на претседателот Бајден, која треба да биде потврдена и од политички поделениот Сенат.

Бајден, за разлика од Трамп кога влезе во трка за претседател во 2016 година и за реизбор во 2016, не објавил список на судии кои би можел да ги земе предвид за деветчлениот Врховен суд.

Но, Бајден за време на неговата претседателска кампања рече дека би именувал прва црна жена, по неговиот избор на тогаш сенаторката Камала Харис, со потекло од Јамајка и Јужна Азија, за негова потпретседателка.