42 години има најстарото возило кое се уште чисти снег на македонските патишта. Тоа e од марката Мерцедес 26/32 од 1979-та година. Просечната старост на возниот парк со кој располага Јавното претпријатие за одржување на магистралните и регионални патишта Македонија пат е во просек повеќе од 28 години, велат од таму.
Граѓаните со години искажуваат незадоволство од начинот на кој се чистат патиштата од снег за време на зимската сезона.
„Нас многу не изненадува снегот во декември, јануари. Во други држави снегот врни, а тие почнуваат да чистат. Кај нас чекаме да наврне и потоа ќе чистиме. Во меѓу време еден шлепер со лоши гуми се попречува на патот и збогум два дена сообраќај“, вели еден граѓанин.
„Не сум многу задоволен. Ако првите два дена не интервенираш, потоа џабе ти е. Како снегот само во Македонија не изненадува, никаде на друго место. Со два камиони можеш ли да чистиш цела општина и околу наоколу и другите патишта“?, прашува друг граѓанин.
А, поради местоположбата каде се наоѓа врнежите од снег секогаш знаат да направат проблеми и во малата општина Дебарца кај Охрид.
Градоначалникот Зоран Ногачески вели, наместо државата под чии ингеренции било чистењето на регионалниот пат, кој поврзувал повеќе населени места на нивна територија, се случувало тоа да го прави општината.
„Нивното објаснување е дека тие вршат чистење по одреден приоритет. Односно најпрво треба да го чистат магистралниот пат. Но, ако не биде регионалниот пат исчистен џабе било чистењето на општинските патишта, односно доаѓа до неможност на одвивање на сообраќајот“, вели тој.
Но после 25 години неодамна беше обновен дел од возниот парк на Македонија пат. За таа намена, владата одвои 180 милиони денари.
„Знаеме сите дека возниот парк на Македонија пат е во застарена кондиција. Со оваа блок дотација од владата, возниот парк на Македонија пат добив нов лик. Набавени се 15 камиони и три камиони од типот на Ханомак со должина и зафатнина од 2.5 метри кубни големина“, изјави поранешниот директор на Македонија пат, Беким Мемеди.
Но, од јавното претпријатие велат дека набавката на новите возила не е доволна да се покрие целата територија.
„Потребни се уште миниум 90 возила и 30 градежни машини за да целиот дотрошен и амортизиран возен парк биде заменет со нов, како не би се ангажирале возила од трети лица за чистење на снег и за превоз на асфалти“, стои во соопштението на Македонија пат.
Додаваат дека и годинава бил распишан тендер за користење на услуги од трети лица, за зимско одржување на патиштата.