СКОПЈЕ - Викенд на внатрепартиски избори. По 12 години минати како лидер на партијата, Зоран Заев од утре и официјално се повлекува од партискаста функција додека во ВМРО - ДПМНЕ, актуелниот лидер Христијан Мицкоски, кој е и единствена кандидат на Конгресот ќе го добие вториот мандат да ја води партијата.
Во СДСМ, околу 60 илјади членови со право на глас ќе го изберат петтиот лидер на партијата. Тие ќе бираат меѓу тројца кандидати ,кои ги исполнија условите предвидени со партискиот статус. Станува збор за Димитар Ковачевски, Фросина Ременски и Јован Деспотовски, кои минатите десетина дена ги промовираа своите програми пред членството. Фаворитската улога ја има Ковачевски кој ја има и поддршката од лидерот во оставка Зоран Заев.
По изборот на претседател на партијата ќе се организира Конгрес на кој ќе се избере и новиот мандатар на Владата, а повеќе од извесно е дека тоа ќе биде Ковачевски.
Во ВМРО - ДПМНЕ ситуацијата е кристално јасна. Мицкоски продолжува како лидер на најголемата опозициска партија и тој е единствена кандидат на утрешниот седумнаесети Конгрес. Право на глас имаат 518 делегати а Мицкоски најави дека останува на барањето за предвремени парламентарни избори. Од партијата најавија и нови кадровски решенија на повисоките партиски функции.
Препукувањата меѓу двете најголеми партии од македонскиот политички блок продолжија и денес.
Од СДСМсе на ставот дека додека тие одржуваат внатрепартиски непосредни избори, во ВМРО-ДПМНЕ се одржува конгрес на кој се се знае однапред.
„Во ВМРО-ДПМНЕ ништо не се менува, тоа е стара нереформирана партија, СДСМ постојано се менува и подобрува. Во СДСМ утре се одржуваат избори за претседател со тројца кандидати, а претседателот го бираат членовите партијата. Тоа е врв на демократија незамислива за ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ утре одржува конгрес на кој се се знае однапред, таму има само еден кандидат а одлучуваат само инсталациите на Груевски“, стои во партиското соопштение.
За ВМРО - ДПМНЕ, вантрепартиските избори во СДСМ се партиски театар а Ковачевски е пиун кој е инсталиран од лидерот во оставка Заев.
„ еќе на сите им е јасно дека лидер на СДСМ останува Зоран Заев, а Димитар Ковачевски ќе биде само негов пиун. За каква демократија зборува Заев кога само потврди дека СДСМ ја претворил во приватна компанија, испостава на кланот Заеви, во која ангажира само обичен менаџер. Впрочем затоа 20 илјади членови на СДСМ помалку се пријавиле за гласање, затоа што се разочарани од Заев и заевизмот и целата фарса со изборот на „нов лидер". Токму пиунот Ковачевски треба да менаџира со заевизмот во СДСМ. Ништо не се менува. Апсолутно останува истата матрица која Македонија ја претвори во најкорумпирана држава во Европа“, соопштија од ВМРО - ДПМНЕ.