Цените на американските стоки за широка потрошувачка, како што се храната, горивото и киријата, во ноември се зголемија со најбрзо темпо од 1982-ва година, според извештајот на Одделот за труд во петокот.
Зголемување од 6,8 отсто беше највисоко од јуни 1982-ва година.
Дури и со отфрлени повеќе нестабилни ставки како што се храната и енергијата, базичната инфлација се зголеми за 4,9 отсто, најголем пораст од 1991-ва година.
Цените за енергијата во САД забележаа раст од 3,5 отсто во ноември и се до повеќе од 33 отсто за оваа година. Бензинот, на пример, е за 58 проценти повисок отколку пред една година.
Прехранбените производи поскапеа за 6,1отсто во текот на изминатата година, а половните автомобили и камионите поскапеа за 31отсто годинава.
Големиот пораст на цената на секојдневните добра најмногу им наштети на работниците со пониски примања.
Администрацијата на Бајден ги обвинува економските нарушувања поврзани со пандемијата на ковид-19 за порастот на инфлацијата, додека републиканците велат дека зголемувањата на цените се предизвикани од масивните владини трошоци како одговор на пандемијата.
Инфлацијата му се заканува на предлог-законот од Бајден за трошење од 1,7 трилиони долари, кој беше усвоен од Претставничкиот дом и се разгледува во Сенатот.
Многу економисти мислат дека постојаната инфлација може да влијае и на идните активности на американската централна банка. Претседателот на Федералните резерви Џером Пауел еднаш ја нарече инфлацијата „преодна“, но пред две недели сигнализираше дека ФЕД можеби ќе треба брзо да дејствува за да ги зголеми каматните стапки за да ги спречи растечките трошоци.
Некои информации во овој извештај доаѓаат од Асошиетед прес.