САД преговараат за купување 10 милиони дози од новиот лек за Ковид-19?

Повеќе медиуми известија дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден планира да потроши 5 милијарди долари за купување на новата експериментална антивирусна пилула на Фајзер дизајнирана за лекување на Ковид-19. Тоа е доволно за покривање на третманот на 10 милиони пациенти.

Оваа информација доаѓа еден ден откако американскиот производител објави дека преку Обединетите Нации договорил пласман на генеричка верзија на лекот за 95 држави.

Ова ќе ја направи таблетата достапна за земјите со низок и среден приход, кои сочинуваат околу 53% од светската популација.

Компанијата вели дека нејзината нова пилула, наречена Паксловид, ги намалува ризиците од хоспитализација и смрт за скоро 90% кај луѓето со благи до умерени симптоми на Ковид-19.

Независни експерти препорачаа да се стави крај на студијата поради нејзините охрабрувачки резултати.

Фајзер веќе побара од американската Администрација за храна и лекови да одобри употреба на лекот на итна основа.

Некои информации во овој извештај се од Асошиетед прес и Ројтерс